Пред само две недели 16-годишниот борач Бесир Алили ги освои симпатиите на јавноста во Македонија, откако го освои златниот медал на Европското првенство за кадети, што се одржа во Фаенца, Италија.

Членот на борачкиот клуб „Лирија“ за европската титула до 48 килограми во финалето го совлада Ерменецот Харутјун Хованисјан со 7:6 и со тоа и го донесе првиот златен медал на Македонија од Европските кадетски првенства. Покрај златната на Алили, нашата држава во историјата има и три сребрени и четири бронзени од кадетските првенства.

Иако во драматична борба губеше со 0-5, сепак на крајот направи пресврт и дојде до круната (7-6). На патот до финалето тој ги совлада Полјакот Оскар Кулчицки, Молдавецот Андреј Витан и Грузиецот Лука Гугешашвили.

ФОТО: Петр Стојановски

„Господ ми помогна многу да се вратам во игра и да победам во финалето. Имав доверба дека ќе победам и ова не е ништо, сега мојот сон е настап на Олимписки игри и таму да освојам медал, беа првите зборови на Алили по извојуваната голема победа.

Токму поради оваа изјава на Бесир Алили му се предвидува блескава иднина и се очекува тој да го нападне и златото во сениорска конкуренција.

Во интервју за весникот „ВЕЧЕР“ младиот борец го опиша чувството од моментот кога златото блеснало на неговите гради, а воедно додаде кои се неговите следни цели.

Дали пред почетокот на ЕП очекуваше да освоиш медал?

Да, постојано велев дека ќе бидам на највисокото место на подиумот, евентуално на второто место. Такви се моите амбиции уште кога почнав да тренирам, бидејќи овој спорт не дозволува падови. Тренирам уште од најмала возраст и силно сум посветен на борењето. Едноставно тоа ме исполнува. Затоа моја цел е секогаш да имам што подобар резултат во однос на минатиот, така што можам да кажам дека ова е само почеток на добрите резултати кои ќе ги постигнувам во иднина. Минатата година имав добри резултати (сребрен медал на ЕП за кадети), но од тогаш, па се до почетокот на првенството, моја единствена цел беше златото, до кое на крајот дојдов. Морам да напомнам дека имав силни тренинзи во текот на целата година, но сето тоа се исплатеше. Фокусиран сум само на спортот и затоа немам ниту време за дружење со пријателите. За сите овие мои успеси голема благодарност до мојот тренер Суфијан Исмаили.

Ќе го опишеш ли моментот кога ти го ставија златниот медал на гради?

Чувството е неверојатно. Во тој момент знаев дека сите од мојот тим, целата држава е горда на овој историски резултат. Морам да го пофалам тимот кој напорно работеше со мене изминативе години за да дојдеме сите заедно до вакви резултати кои ќе остават белег во македонското борење. Но, повторувам, ова е само почеток на добрите резултати.

Дали очекуваше таков пречек во Скопје, со оглед на тоа дека бројни фанови излегоа на улиците за шампионски да те поздрават?
Очекував дека ќе има некаков пречек за да го одбележиме златото, но искрено не верував дека македонскиот народ ќе излезе во толкав број. Убаво е чувството кога цела Македонија се соединува на успесите, а мене ми е мило поради тоа.

Која е твојата следна цел?

Следна цел ми се младинските Олимписки игри во Баку, како и Светското првенство во Софија. Инаку, главна цел ми е злато на Олимписки игри, но бидејќи ги немам годините за настап, ќе мора да ги пропуштам оние во Токио, но затоа верувам дека ќе бидам 100% подготвен за Игрите во Париз во 2024 година. Искрено се надевам на златен медал од Игрите во Франција.

Бесир, како и неговиот тренер, истакнаа благодарност за пофалбите што ги добија од македонската јавност и поддршката од институциите на централно и локално ниво. Кога стана јасно дека Алили добил златен медал, стотици граѓани излегоа и го пречекаа, прославувајќи го големото достигнување.

Алили, исто така, има добиено многу финансиски награди и пофалби од Владата на Македонија, Агенцијата за млади и спорт, Град Скопје, Општина Чаир и од јавни претпријатија.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ