Македонскиот, европски и регионален шампион Вардар, по два тешки порази во Лигата на шампионите од Кил и Веспрем, во 6. коло на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува белорускиот шампион Мешков Брест.

Вардарци мора да победат на овој натпревар доколку сакаат да ги задржат шансите за подобар пласман во групната фаза. Тоа го најави и новиот предводник и спортски директор Едуарад Кокшаров.

Мешков Брест е многу квалитетна екипа и тоа го докажа и минатата година во сите натпреварувања. Ние немаме друг избор на овој натпревар освен да победиме, изјави Кокшаров.

Русинот на клупата на „црвено-црните“ зборуваше и за промените кои беа најавени по смената на Шпанецот Давид Писонеро.

-За секоја промена треба малку повеќе, тоа не може да се случи преку ноќ. Ако сакате да направиме брзи промени, тоа може да биде многу лошо за тимот. Со играчите се договоривме да продолжиме во ист стил. Секој од нас сака да победи без разлика  против кого играме, истакна Кокшаров

Тој моментно ја извршува функцијата тренер и спортски директор, а втората работа  е да се грижи за нови засилувања, како на пример нов тренер. Но и за тоа требало да пресуди претседателот.

-Сега не можам точно да дадам одговор на ова прашањето. Тоа е одлука на претседателот. Ние разговараме и дебатираме со претседателот, а главната одлука е негова, заврши Кокшаров.