Македонската боксерска репрезентација во последно време бележи одлични резултати, а за тоа најдобро говори последниот меѓународен турнир во Врбас, Србија, на кој нашите боксери освоија три медали.

Исто така од неодамна Македонската боксерска федерација, на чело со претседателот Примислав Димовски, го претставија новиот селектор, Кубанецот Хесус Сојет, кој носи верба дека боксот конечно се движи во посакуваниот правец.

Сојет, кој зад себе има одлична боксерска кариера (419 меча и само 27 порази), со освоено злато и сребро на СП, бројни медали и признанија, во ексклузивно за дневниот весник „Вечер“ откри како дошло до соработка со македонската федерација, а особено интересно за македонската јавност е тоа што очекува неколку боксери да обезбедат норма за Олимписките игри во Токио.

Имено, нашите боксери наредниот месец ќе заминат на меѓународен турнир во Турција, кој воедно ќе биде главна подготовка за настапите на боксерите на кои ќе се обидат да дојдат до посакуваните резултати со кои ќе се обезбеди билетот на Олимпијадата во Токио.

Фото: Петр Стојановски

Може ли прво со неколку реченици да ни се претставите. Кој е Хесус Сојет и како дојде до соработка со Македонската боксерска федерација?

  • Јас сум поранешен боксер, репрезентативец на Куба. Бев светски шампион во 1983 во Рено и вицешампион од 1968 во САД. Исто така во мојата кариера освои бројни златни медали од различни турнири низ Европа и светот. Лиценциран тренер сум и специјалист за врвни спортски тренинзи. Имам работено како тренер во Мексико, Холандија, Италија, Јапонија… Што се однесува до соработката со Македонската федерација, челниците на оваа Федерација беа заинтересирани да ме донесат тука се со цел да го подигнеме овој спорт на едно повисоко ниво. Сето тоа беше со иницијатива на претседателот Примислав Димовски, па јас не сакав да ескивирам и ја прифатив понудата. Сега сум на ова убаво парче земја и се надевам на одлична соработка и постигнување на врвни резултати со македонските боксери.

Дали пред да дојдеш тука имаше слушнато за Македонија и што прво те импресионираше во нашата земја?

  • До пред да дојдам тука немав слушнато за Македонија. Знаев доста за Југославија, но за Македонија немав слушнато. Тоа е можеби, бидејќи се работи за нова земја, но импресиониран сум од нејзината убавина. Фамилијарниот начин на живот и гостопримливоста на луѓето, меѓусебната блискост и безбедноста. Два месеца сум тука и не видов да се случи ниту еден проблем…

Што направивте за македонскиот бокс за ова кусо време  додека сте во Македонија?

  • Во овој кус период колку што сум тука, одржавме еден камп во Струга, на кој имав можност да забележам многу талентирани боксери во сите возрасни категории. Исто така тука во Скопје секојдневно ги посетуваме клубовите кои работат и можам да кажам дека талент има – само треба истиот да се развива, односно,постојано да се работи со младите боксери.

На кои натпреварувања ќе настапат македонските боксери во блиска иднина?

  • На 26 октомври започнува балканското првенство во Турција, на кое ќе земеме учество. Потоа има неколку меѓународни турнири на кои ќе бркаме норма за Олимписките игри во Токио. Искрено се надевам дека 2-3 боксери ќе успеат да дојдат до посакуваните резултати со кои ќе им го отворат патот кон Олимпијадата наредната година. Но, претходно ќе мораме да одработиме натпревари со силни противници од меѓународната сцена, мечеви од кои ќе добиеме на квалитет, кој понатаму ќе ни послужи да дојдеме до посакуваната норма.

Колкава  е заинтересираност на младите за овој спорт во Македонија и дали веќе откривте некои таленти со кои посебно ќе работите?

  • Има голема заинтересираност кај младите за овој спорт. Има многу млади боксери кои напорно тренираат и можам да кажам дека сите тие поседуваат талент. Има и боксери кои немаат моментно тренинзи, но во нив може да се забележи желба за успех во иднина.

Колкави се шансите Македонија да има свој претставник на ЛОИ 2020?

  • Од она што можев до сега да го забележам, има неколку боксери кои имаат квалитет да изборат норма за настап на Олимписките игри во Токио. Но, за да дојде до тоа ќе мора истите да имаат и борби на меѓународно ниво со квалитетни противници. Ако не излезат од тука, ќе биде навистина тешко да се дојде до посакуваните резултати. Треба да се натпреваруваат со боксери кои воедно истите ќе бркаат олимписка норма. Затоа велам, потребно е да соберат искуство од тие меѓународни натпревара со противници кои се на едно високо ниво. Можам да кажам дека два-тројца македонски боксери сигурно имаат доволно квалитет за настап на Игрите наредната година, но повторувам тој квалитет мора да се надградува.

Колку знаете за најстарата македонска манифестација во боксот „Златен Гонг“ и дали некогаш сте учествувале на истата (постои од 1969 година)?

  • На овој турнир не сум учествувал никогаш, иако многу пати до сега сум доаѓал на најдобрите турнири во цела Европа, на пример во Бугарија, Романија, Германија. Исто така бев на Светското првенство во 1978 година во Белград, тогаш бев во резервниот состав на Куба.

(К.Т. – С.Т)