Немаат за јадење, лепило дуваат!

125

Децата од улица, оставени сами на себе, бараат возбуда во синтетичките дроги. Сè почесто низ градот трчкаат малолетни ромски деца со надувани најлонски кеси, кои повремено ги ставаат на устата и на носот. Немаат повеќе од седум-осум години, а веќе се навлечени на таканареченото дување лепило. Може да се видат како дуваат најлончиња на скалите на кејот на Вардар, кај Зеленото пазарче или, пак, на скалите во Градскиот трговски центар. Во последно време, ги забележуваат и во паркот Жена-борец или по ходниците на ГТЦ.

– Често среќавам една жена на улица и некако доаѓаме до оваа тема. Ми кажува дека работи во ГТЦ, кај златарската улица. Дечиња Роми постојано шетаат тука. Сите не постари од 15 години. За едното од нив многу ми е жал, бистро дете, до пред една година беше струја. Многу сака кучиња, и по шест-седум шетаат по него. Но, од лани почна со дување лепило. Сега е за никаде, ништо од него не остана. За него ми е особено жал, другите уште порано почнуваат со лепилото, но тој беше навистина бистро дете – сподели на Фејсбук екоактивистката Татјана Стојановска.

Tоа се деца од улица, оставени сами на себе, немаат леб да јадат, а лепилото им е единствената утеха.

– Едното од нив е цело со црни красти на нозете, но се има помирено со тоа. Што е најстрашно, и сите ние се имаме помирено – вели таа.

– Многу сериозен проблем, кој никој не сака да се нафати да го реши. Тие деца се израснати на улица како и нивните родители, и друго не знаат. А оние што велат: „Па нека работат нешто, нека чистат некаде…”, секогаш ги прашувам: „Кога да дојде кај тебе?“ – вели Слободан Михајловски.

Други посочуваат на мајки што просат со „заспани“ деца на семафорите на раскрсниците. Велат дека им ставаат лепило или нешто друго под носињата за да спијат и за да не плачат.

– Слушнав дека таа што сака да печали по семафори со бебе/дете, може да го изнајми од некој(а) кој што ги надгледува. Ги заспиваат за да не плачат, страшно! – коментира Атанас С.

Лепилото е синтетичка дрога, која ги гори мозочните клетки, ама на Ромчињата што просат им е омилена бидејќи ги возбудува. Тој процес продолжува и кога ќе пораснат.

(С.Бл.)