Некој фрлил слика на Ван Дајк во шупа, без да знае колку вреди: Пронајдена е и продадена за вртоглава сума/ФОТО

348

Слика на познатиот холандски уметник, Ентони ван Дајк, која беше пронајдена фрлена во шупа на фарма, е продадена на аукција за повеќе од три милиони долари.

Делото е студија за подоцнежна слика на фламанскиот мајстор наречена „Свети Јероним“. Конечната верзија на сликата моментално се наоѓа во музејот Boijmans van Beuningen во Ротердам.

Сликата, која прикажува гол постар маж како седи на стол, е единствена поради неколку причини, според аукциската куќа „Сотби“.

Тоа е едно од двете големи студии што Ван Дајк ги направил од живи модели.

Според Sotheby’s, најверојатно била насликана помеѓу 1615 и 1618 година, кога Ван Дајк бил млад уметник кој работел заедно со Питер Пол Рубенс во Антверпен.

Маслената слика има неочекувано потекло. Студијата неодамна беше идентификувана како дело на Ван Дајк, се вели во соопштението на аукциската куќа за Си-Ен-Ен. Парчето е откриено на крајот на 20 век на фарма во Киндерхук, Њујорк.

„Лицето што го пронашло, Алберт Б. Робертс, бил страствен колекционер на „изгубени“ парчиња, опишувајќи ја својата колекција како „Сиропиталиште за изгубена уметност што страдала од запоставување“, соопшти аукциската куќа.

Робертс ја купил заборавената слика за само 600 долари, според Sotheby’s. Но, набргу потоа, историчарката на уметност Сузан Џ. Барнс објави статија во која го препознала делото како „изненадувачки добро сочувано“ дело на Ван Дајк, пренесува „Еуроњуз“.

Сликата беше продадена за 3,1 милиони долари во четвртокот.

Според аукциската куќа, дел од приходот ќе биде од корист на Фондацијата Алберт Б. Робертс, која обезбедува финансиска поддршка на уметници и други добротворни организации.

Студијата беше продадена како дел од распродажбата на Sotheby’s „Master Paintings Part I“ во четвртокот, во која беа вклучени и дела од Агноло Бронзино, Тицијан и Мелкиор де Хондекотер, пренесува CNN.