Хомосексуалноста меѓу професионалните спортисти е табу-тема и само мал број од нив решија да признаат во текот на кариерата дека имаат партнер од истиот пол. Плашејќи се од осудата на општеството, реакцијата на соиграчите, тренерите, менаџерите и на спонзорите, многумина одлучуваат да ја задржат својата вистина за себе и за најблиските. Сепак, има и такви што не сакаат да се кријат, а последен во низата кој призна дека е геј е фудбалерот на Спарта од Прага, Јакуб Јанкто (27).

Пред него има уште неколкумина кои решија јавно да проговорат за својата сексуална ориентација.

Томас Хицлшпергер

EPA-EFE/TOM WELLER

Ова е најпознатиот фудбалер кој јавно објави дека е геј. За германската репрезентација одигра 52 натпревари, имаше 131 настап во Бундес лигата и 117 натпревари во Премиер лигата.

Својата вистина му ја откри на светот во јануари 2014 година, по шест месеци откако официјално ја заврши кариерата.

  • Донесов свесна одлука јавно да им се спротивставам на предрасудите и на непријателството со кои се соочуваат хомосексуалците. Немам од што да се срамам. Хомосексуалноста во фудбалот едноставно се игнорира. Од друга страна, медиумите со години се интересираат за темата, фудбалерите не се осмелуваат да ја објават веста, затоа што на светот на фудбалот сè уште, до одреден степен, се гледа како на мачосредина. Луѓето ги гледаат геј-фудбалерите како контрадикторност и затоа ниту еден професионален играч не сака да се изложува на таков притисок. За геј-играчите се врзуваат предрасуди, а реалноста е сосема поинаква – изјави тогаш Хицлшпергер.

Во својата кариера настапуваше за Честерфилд, Астон Вила, Штутгарт, Лацио, Вест Хем, Волфсбург и за Евертон.

Џејсон Пол Колинс

EPA/PAUL BUCK

Колинс е првиот НБА-кошаркар кој му призна на светот дека е геј. Тоа го направи во 2013 година, во интервју за популарниот магазин „Sport Illustrated“. Неговата ситуација е прилично бизарна, бидејќи по тоа интервју, вистината ја дозна и неговата свршеница Керолин Мос, со која беше во врска осум години.

Од 2014 година, Колинс е во врска со продуцентот Бронсон Грин, а на дресот го носеше бројот „98“, во чест на Метју Шепард, Американец кој беше убиен во злосторство од омраза во 1998 година, кога имаше 21 година.

Во текот на својата кариера, Колинс играше за Њу Џерси нетс, Мемфис гризлис, Минесота тимбервулвс, Атланта хокс, Бостон селтикс, Вашингтон визардс и за Бруклин нетс.

Мартина Навратилова

EPA-EFE/HAMISH BLAIR

Можеби, најголемото име на оваа листа е познатата тенисерка Мартина Навратилова, која веста за својата сексуална ориентација ја изнесе во 1981 година, кога призна дека е бисексуалка, што значи дека ја привлекуваат и жени, но и мажи.

Јавноста знаеше за неколку нејзини врски со девојки, а од 15 декември 2014 година е во брак со Јулика Лемигова. Во својата автобиографија од 1985 година, таа рече дека никогаш не помислила дека ќе стане бисексуалка.

Паола Егону

EPA-EFE/TATYANA ZENKOVICH
  • Моите родители го примија тоа многу лошо. Беа загрижени што ќе кажат роднините, пријателите, соседите… Тогаш сфатија дека, сепак, тоа не е мој избор. Кој би избрал начин на живот што ќе те спротивстави на сите? Некои работи едноставно се случуваат. Бакнав девојка јавно и реакциите беа непријатни. Проблемот е што на луѓето не им пречи нивната работа, туку туѓата. Зошто ме осудуваат ако со љубов одгледувам деца кога има толку многу традиционални дисфункционални семејства? Се надевам дека наскоро ќе дојде апокалипсата – истакна неодамна Егону, една од најдобрите одбојкарки во светот.

Потоа зборуваше за врската со одбојкарката Катажина Скоруп, по која почна да излегува со Михал Филип, полски одбојкар.

Италијанката не крие од јавноста дека е бисексуалка, а во интервјуто зборуваше и за други проблеми со кои се соочува. Не се работи за нејзиниот љубовен статус, туку за расизмот со кој секојдневно се среќава.

Дваесет и четиригодишната Италијанка се прости од репрезентацијата, а моментално минува низ психички тежок период од животот.

EPA-EFE/TANNEN MAURY

Карл Насиб

Во 2021 година, Насиб стана првиот НФЛ-играч кој се огласи како геј. Тоа го направи преку видео на социјалната мрежа Инстаграм откако донираше 100 000 долари на организација што се занимава со превенција од самоубиства кај ЛГБТК- заедницата.

  • Сакав да го искористам овој момент за да кажам дека сум геј. Се надевам дека еден ден нема да има потреба да се прават вакви видеа и јавно да се признава дека некој е геј. Дотогаш ќе дадам сè од себе да се поттикне културата на прифаќање – рече Насиб.