Кога во далечната 1987 година до тогаш непознатиот Трајче Манев триумфално победи на второто издание на фестивалот „Макфест“, никој баш ни на крај памет не можеше да претпостави дека е родена новата музичка ѕвезда. И ако млад, неискусен и неснаодлив на естрадата, облечен за некој број поголемо карирано палто со подвиткани ракави, Трајче сепак потполно ја освои публиката со извонредната поп-балада „Осамен“ и со својата емотивна интерпретација. И далеку од тоа дека остана осамен. Напротив! Зад себе ги остави многубројните тогашни пејачки-ѕвезди, учесници Маја Оџаклиевска, Ристо Самарџиев, Тања Кочовска….

33 години потоа, Трајче повторно, ова 2020 година ја запеа на „Макфестовската“ сцена истата песна во ретроспективната вечер. Тој сподели слики од таа година, а под сликите се редеа стотина коментари. На нашата куса забелешка дека останал млад, одговори со таинствена насмевка. Другите му коментираат дека „Тоа е легендарниот Трајче, но за жал „Макфест“ никогаш повеќе нема да донесе такви хитови“, „Немам зборови за твојата рајска душа која знаеш да је пренесеш преку песната“,„Поздрав чичо, само успеси да редиш“, „Имаш прекрасна интерпретација и по 33 години“…..

А, тоа е жива вистина дека Трајче таа вечер во Штип со победничката „Осамен“ носталгично ја врати публиката во некое друго за многумина поубаво музичко време кога се раѓаа хитовите кои и денес ги слушаме, многубројни песни кои со право ја носат титулата – евергрин. Еден од нив е секако и „Осамен“. Д.М.