Нека завршат изборите, па ќе зборуваме за јазикот

78

Процесот околу забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците не е завршен и најверојатно тоа ќе остане за после изборите.

– Се разгледуваат и се анализираат забелешките и она што е законски текст, јас искрено не верувам дека тоа би се завршило пред изборите, бидејќи сепак треба да се направи сериозна анализа на она што е предложено, дали тоа значи промена на закон, дали тоа значи создавање на одредени услови. Така што тоа најверојатно ќе остане за после изборите, изјави министерката за правда Рената Дескоска.

Венецијанската комисија неодамна препорача да се преиспитаат одредби од Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни.

Непосредно по препораките на Венецијанската комисија да се преиспита употребата за законот за јазици, тогашниот премиер Зоран Заев најави дека ќе се формираат работни групи на кои, како што рече, заедно коалициски ќе може да се утврди начинот како да се имплементираат препораките од Венецијанската комисија.

Правните експерти на Советот на Европа посочуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија пред повеќе од еден месец оцени дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележа дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Законот за употреба на јазиците беше донесен во јануари минатата годинава. Собранието го гласаше по втор пат, откако претходната година претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот.