Независните ќе „грмат” во Советите

Потранспарентни и поотчетни, според повеќето аналитичари, ќе бидат новите општински совети, во кои освен независните влегоа и помалите партии. Незадоволството од решавањето на локалните проблеми и недовербата кон големите партиите ги мотивираше граѓаните да ги земат работите во свои раце, а дел од гласачите го поддржаа овој чекор. „Шарените“ општински совети, во кои освен независните влегоа и помалите партии, според повеќето аналитичари, ја зголемуваат отчетноста на локалните власти и ја зголемуваат контролата во одлучувањето на локално ниво.

288

Богатата понуда од 67 независни советнички листи во 40 општини на овие локални избори го прошараа изборот, а граѓанските активисти успеаја да освојат речиси 55 илјади гласови и да влезат во повеќе општински совети. Ова покажува дека незадоволството од решавањето на локалните проблеми и недовербата кон големите партиите ги мотивираше граѓаните да ги земат работите во свои раце, а дел од гласачите го поддржаа овој чекор.

„Шарените“ општински совети, во кои освен независните влегоа и помалите партии, според повеќето аналитичари, ја зголемуваат отчетноста на локалните власти и ја зголемуваат контролата во одлучувањето на локално ниво.

Најмногу независни листи имаше во Кавадарци и Македонски Брод, по 5, а процентуално, најмногу гласови независните листи освоија во Чучер-Сандево, каде што 4 независни листи вкупно собраа 30,5 отсто од гласовите.

ДИК досега ги соопшти резултатите за независните кандидати и малите партии само за Советот на Град Скопје. Во Советот на град Скопје, според досега објавените податоци од ДИК, влегуваат 4 советника на Левица со освоени 20.000 гласа, 2 на коалицијата ЛДП/ДОМ и 2 на Зелен хуман град со освоени 9.000 гласа.

Потранспарентен ќе биде и скопски Карпош, а советниците ќе почнат да работат наместо само да дигаат рака, порача Невена Ѓеорѓиевска од „За заштита на Карпош“ кои освоија двајца советници. Мнозинство во советот нема ниедна партија, па независните ќе бидат фактор во носењето на одлуките. Кандидатите од „Шанса за центар“, предводени од Јана Белчева, на овие избори добија 3 советнички места, па порачаа, со еден советник бевме гласни, а со три сега „ќе грмиме“. Тие освоија 11% од гласовите.

Во Битола се кандидираа три независни листи, од кои само листата „Поинаку“, предводена од Габриела Илиевска, го надмина прагот и тие сега имаат тројца советници, а во претходниот општински совет беа застапени со двајца советници.

Двајца советници доби и независната советничка листа предводена од Хамди Сулејмани „Подобро за Тетово“, иницирано од здружението „Да ја спасиме Шапка“, на која за само неколку десетици гласови им избега и третото советничко место, додека „СТИГА Е!“ – фронт против рудникот на смртта, во општините Струмица, Босилово и Ново Село ќе има по еден претставник во трите општини. Во дваесетина општини независните листи за советници котираат како трети или четврти по бројот на гласовите, па допрва ќе биде познат бројот на освоени советнички места. Така, во Богданци, група избирачи со носител Борис Ванчев се трети со освоени 11, 75% од вкупниот број гласови, во Гевгелија, независната листа предводена од Томе Ќичуков е трета со речиси 8%, во општина Дебарца листата предводена од Димче Андрески е трета со 13,31%, во Демир Капија листата предводена од Андон Крстевски е трета со 7,69%, а истата позиција во општина Илинден ја оствари листата на носителот Трајче Илиевски со 11,10%. Трети на листата се и независните во Кавадарци со 8,30% од гласовите, во Кичево Агим Садику со 12,58%, во Кочани Венко Крстевски освои 8,36 % и во Кратово листата предводена од Македонка Ангеловска освои 14,81% од гласовите.

Во Македонски Брод се гласаше дури за пет независни советнички листи од кои четири го надминаа цензусот од 5 % од освоените гласови. Во Могила листата предводена од Златко Шурбевски е трета со освоени 8,40% гласови, во општина Петровец листата на чело со Александар Јаневски е трета со 15,50%, во Пехчево на трето место е листата со носителката Виолета Ѓорѓиевска со освоени 19,88%, а на истата позиција во Радовиш е листата на носителката Александра Трајанова Илиев со 11,93% и во Ранковце онаа предводена од Дарко Спасовски со 10,66% од вкупните гласови.

Најмногу гласови од независните советнички листи освои „Наше Куманово“, предводена од Ивана Ѓорѓиевска. Листата, поддржана од независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски, освои 10,267 гласови во Куманово.

Да потсетиме дека дел од советниците на независните листи, како кумановската или таа во Дебрца, се поранешни членови на владејачката партија, кои откако не добија партиска поддршка за кандидатура, одлучија сами да се вклучат во локалната трка.

(И.С.)