Нееднаквоста меѓу граѓаните и сиромаштијата се намалуваат 

Министерот за финансии вели дека нееднаквоста е главниот фокус на Владата, па затоа мерките што ги презема се во насока на нејзино намалување. Како пример за тоа го посочува праведното оданочување, кое е спроведено за да се обезбедат дополнителни средства за социјална реформа

326

Социјалната нееднаквост на граѓаните во нашата држава има тренд на намалувања, а се воведуваат мерки кои постепено ќе ја искоренат апсолутната сиромаштија, оценуваат гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Драган Тевдовски.

Според гувернерката нееднаквоста меѓу граѓаните е актуелна тема во светот, а иако таа не е во фокусот на централните банки, сепак преовладува мислење дека и тие со своите политики влијаат на неа. Во нашата држава, смета таа, трендовите покажуваат постепена стагнација, односно намалување на степенот на нееднаквоста.

– Нееднаквоста не е прашање во надлежност на Централната банка, но ние секако ги следиме и анализираме бројките и охрабруваат бројките што упатуваат на постепена стагнација, односно намалување на нееднаквоста во нашиот случај. Инаку, тоа е многу актуелно прашање кое се дискутира особено во последната деценија во светски рамки, каде се забележува натамошен тренд на раст на нееднаквоста во општествата. Особено тоа е случај во американската економија и оттаму има голем фокус на ова прашање не само за дијагностицирање туку и за мерките и политиките кон кои треба да се насочат носителите на политиките со цел справување со овој глобален предизвик, појасни Ангеловска-Бежоска.

Министерот  Тевдовски, пак, додава дека оваа тема е главниот фокус на Владата, па затоа мерките што ги презема се во насока на намалување на нееднаквоста. Таква е на пример мерката за праведно оданочување, која е спроведена за да се обезбедат дополнителни средства за социјална реформа.

-Ние како земја сме прва во регионот што воведе минимален адекватен приход. Со тоа многукратно ги зголемивме социјалните трансфери кон најранливите категории граѓани. Анализата на НВО покажа дека овие две мерки-праведното оданочување и реформата на социјалната заштита практично ќе ја намали дури и ќе ја отстрани апсолутната сиромаштија во земјата, рече Тевдовски.

Тој додаде дека на самиот почеток на мандатот на оваа Влада е зголемена минималната плата, а по воведувањето на прогресивниот данок не се реализирале апокалиптичните сценарија за иселување на грани и префрлање на фирми во странство.