Недостигот на вештачко ѓубриво во Северна Америка предизвикува страв од повисоки цени на храната

56

Глобалниот недостиг на азотни ѓубрива ги зголемува цените на рекордно ниво, поттикнувајќи ги северноамериканските земјоделци да ги одложат набавките, со што го зголемуваат ризикот од пролетна борба за примена на хранливата материја пред сезоната на садење, анализира весникот Guardian.

Земјоделците користат азот за да ги зголемат приносите на пченка, канола и пченица, а повисоките трошоци за ѓубрива може да се претворат во повисоки цени на месото и лебот.

Светските цени на храната во октомври достигнаа највисоко ниво во последните 10 години, според Агенцијата за храна на ОН, предводени од зголемувањето на цената на житните култури, како што се пченицата и растителните масла.

Поларниот бран во февруари во Тексас и ураганот Ајда во август го нарушија производството на ѓубрива во САД. Потоа, цените на природниот гас, клучен придонес во производството на азот, пораснаа во Европа поради големата побарувачка и ниските залихи. Глобалните цени на уреата (карбамид) овој месец по првпат надминаа 1.000 долари за тон, според BMO Capital Markets. Русија и Кина го ограничија извозот.

Во САД, резервите со азотни ѓубрива се соодветни за примена пред зимата, рече Дарен Копок, извршен директор на Здружението на земјоделски трговци со седиште во САД. Нанесувањето ѓубриво пред зимата го намалува пролетниот обем на работа на земјоделците.

Но, со толку високи цени, некои фармери ги одложуваат набавките, ризикувајќи да се борат за залихи во нивниот најпрометниот период од годината, рече Копок.

Глобалната продажба на азотни ѓубрива беше со вредност од 53 милијарди долари во 2020 година, а досега, цените се за најмалку 80 отсто повисоки оваа година, според Аргус Медиа.

Вообичаено, МКЦ, фармерска задруга во Канзас, продава ѓубриво на земјоделците за плаќање однапред за месечна испорака, давајќи им на одгледувачите сигурност за клучниот трошок.

Со зголемените цени, МКЦ од претпазливост ја намали својата при-пејд продажба.

„Едноставно не знаете која ќе биде цената. Тоа доведе многу трговци на мало во тешка ситуација“, рече Трој Вокер, директор за малопродажно ѓубриво во МКЦ.

Одложувањето на купувањето вештачко ѓубриво до пролет го носи ризикот од дополнителен метеж во синџирот на снабдување бидејќи земјоделците брзаат да нанесат вештачко ѓубриво и да садат семе за време на кус период.

„Ќе има многу луѓе кои ќе чекаат и ќе гледаат“, рече Копок. „[Но] ако сите се се надеваат дека напролет ќе набават доволно, нечија пченка нема да биде покриена“.

Џим Зимерман, земјоделец од Висконсин, решил да „загризе“ и да го обезбеди целото ѓубриво за пролет оваа година.

„Загрижен сум за цените за следната година“, рече Цимерман. „Може да се влоши“.

Nutrien Ltd, најголемиот снабдувач на фарми во САД, обезбеди помалку азотно ѓубриво од вообичаеното за пролетна испорака бидејќи производителите ги прават помалку достапни, рече Џеф Тарси, виш потпретседател за малопродажба на компанијата. Продажбата на земјоделците најверојатно ќе се случи поблиску до пролетта од вообичаеното, рече тој.

Единствениот азотен производ што недостасува во Северна Америка е уреа амониум нитрат (УАН), рече Крег Рул, менаџер за хранливи материи за земјоделските култури во фармската задруга Growmark со седиште во Илиноис. UAN е течна форма која е погодна за земјоделците да ја применат.

Американската меѓународна трговска комисија спроведува антидампинг истрага за UAN од Русија и Тринидад и Тобаго, на барање на американскиот производител CF Industries.

Увозниците не сакаат да резервираат пратки за во 2022 година, бидејќи можеби ќе треба да платат ретроактивни давачки ако CF го добие својот случај, појасни Рул.

Земјоделците би можеле да ги намалат своите потреби за ѓубрива со садење повеќе соја и помалку пченка, но има малку докази дека многумина планираат да го сторат тоа.

Американското Министерство за земјоделство прогнозира дека насадите на пченка во САД ќе се намалат на 92 милиони хектари во 2022 година, од 93,3 милиони во 2021 година.

-Чекањето до пролет за да се купи ѓубриво може да разочара некои земјоделци, рече Мет Коначер, виш менаџер за ѓубрива во Федерејд Кооперативс Лимитед, канадски продавач на големо.

„Мојот совет е: ако можете да го набавите вашето ѓубриво сега, направете го тоа“, рече Коначер.