Недоволниот број хидранти ги кочи интервенциите на пожарникарите

97

Недоволниот број хидранти и лошиот распоред на мрежата им причинуваат големи проблеми на пожарникарите во Струмица. Имено, кога гаснат пожар принудени се да поминат десетина и повеќе километри повторно да ги наполнат со вода своите возила.

Овој проблем посебно е изразен во селата од регионот, каде бројот на надворешни хидранти е многу мал. Во дел од населените места тие не се функционални, а во голем дел и воопшто не постојат.

– Доколку гаснеме пожар во некое населено место оддалечено 10 – 15 километри од градот, возилото треба повторно да се врати во единицата за да наполни вода. Доколку во населеното место има хидранти и се во исправна состојба нема да губиме драгоцено време и секако штетите од пожарите ќе бидат помали – вели Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица.

И од Дирекцијата за заштита и спасување потврдуваат дека недоволен е бројот на хидрантите, посебно во населените места, каде што ги има на една или две локации иако треба да ги има насекаде.

– Самите општини, односно јавните комунални претпријатија се должни да подготват шема на надворешни хидранти и истата да ја достават до Дирекцијата и Територијалната противпожарна единица – вели Митко Димчев, инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување.

Според него, потребно е да се постават хидранти во градот, посебно на влезовите и излезите, како и на повеќе локации во населените места, бидејќи согласно законот за заштита и спасување предвидени се и казни за тие што нема да ги почитуваат своите обврски.