Недела неработен ден уште не е на дневен ред на Собранието, пратениците со други приоритети

До четврток до кога е објавена агендата, пратениците неколку пати ќе се соберат, но нема да расправаат за законите кои граѓаните ги очекуваат со нетрпение.  Додека Собранието оди по своите приоритети, Сојузот на синдикатите на Македонија одбројува. На крајот на идната недела истекуваат 30-те дена што им ги даде на пратениците конечно да ја направат неделата неработен ден. Во ССМ веќе се почнати внатрешните процедури за реализирање на ултиматумот – или донесување на законите, или генерален штрајк.

138

Граѓаните никако да фатат ред кај пратениците. Локалните избори завршија, Собранието почна да работи, а на неговата агенда се уште ги нема законите со кои недела треба да стане неработен ден.

Измените на законите за работни односи и за трговија уште од почетокот на годнава ги очекуваат 92 проценти од вработените кои доколку Собранието работеше како што треба од пред два месеца во недела требаше да одмораат. Овие закони им се важни и на останатите осум процент, кои требаше да работат во недела, ама за тоа да добиваат од 50 до 100 проценти повисока дневница. Оптоварен со стотици амандмани, десетици процедурални забелешки секогаш кога ќе се најдеше пред народните избраници, Законот за работни односи се уште се „тркала“ во матичната Комисија за труд и социјална политика. Седница на оваа комисија треба да има во вторник, но овој закон не е на дневен ред. Законот за трговија пак, го помина комисискиот филтер и треба да оди на пленарна седница. Седница на Собранието е закажана за в четврток, на 9 овој месец, но овој закони не е на дневен ред.

И додека Собранието оди по своите приоритети, Сојузот на синдикатите на Македонија одбројува. На крајот на идната недела истекуваат 30-те дена што им ги даде на пратениците конечно да ја направат неделата неработен ден. Во ССМ веќе се почнати внатрешните процедури за реализирање на ултиматумот – или донесување на законите, или генерален штрајк.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, за весникот ВЕЧЕР, изјави дека доколку пратениците не одговорат на нивните барања, ќе ги поздрават со добро утро во поголем број собрани пред Собранието. Потфрли и Владата, а дел од барањата содржани во синдикалниот ултиматум се упатени до неа. Уште во септември е ветено дека од јануари минималната плата од 15.200 денари ќе се зголеми на 18.000. Јануари е на прагот, а од таква измена на соодветниот закон нема ни абер. И пензионерите чекаат од 1 јануари пензиите да им растат како што расте просечната плата, што е ветување од Владата исто така дадено пред два-три месеца. Ни за ова нема конкретна информацвија дека нешто се работи. Тешко е да се изброи колку пати владините луѓе излегле со најава „еве сега уште малку и новиот закон за работни односи ќе го дадеме на јавна дебата“. И неделава имавме таква најава, но тој закон кој според досега кажаното треба значително да ги подобри работничките права, меѓу другото во делот на договорите за работа и породилното отсуство, се уште никој не го видел.

Граѓаните исто така очекуваат и нова верзија на неодамна донесениот закон за отпис на каматите. Од пратеници од владејачкиот блок кои го предложија овој закон со кој се простува договорната камата на старите долгови, дојде најава дека ќе предложат нови измени со кои ќе се опфати и казнената камата. Тоа беше пред локалните избори и сè уште е во најава.

Пратениците од опозицијата во една прилика ветија дека нема да ги кочат законите кои се од корист на граѓаните. Сега, не им се дава шанса да го остварат тоа ветување. На седницата на Комисијата за труд и социјална политика, која е матична за Законот за работни односи, според објавениот дневен ред во вторник пратениците ќе расправаат по три точи, а сите тие се однесуваат на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС. На седницата на Собрание закажана за четврток се именување на заменици на народниот правобранител, предлози на неколку закони за ратификување меморандуми и договори, измени на неколку закони, како тој за странци, за експлозивни материјали, за полиција, има предлог на закон за медијација, за финансиска стабилност… но го нема Законот за трговија со кој барем на вработените во овој сектор би им се овозможило да не работат во недела, или ако работат да добиваат по две дневници.

Додека редовно се турка само предлогот за нов државен буџет, во Собранието премногу долго чекаат и други битни закони, како оној за парнична постапка, за отпис на каматите на јавните претпријатија со што треба да им се олесни работата на овие даватели на јавни услуги битни за граѓаните, за продажба на државното земјоделско земјиште…

Турни ме да кинисам во Собранието кога се носеа закони кои директно ги засегаа граѓаните во ова време на здравствено-економска криза имаше и досега. А дека на граѓаните одамна им е преку глава, покажува ланската анкета во кој 60 отсто од нив се изјасниле против блокирање или какво било одолговлекување на дебатите во Собранието.

(С.В.)