Речиси секој петти стан или куќа во Неготино е ставен под хипотека. Според најновиот извештај од Регистарот на цени и закупнини. што се води во Агенцијата за катастар на недвижности, дури 19,08 проценти, или 2.432  стана, односно куќи од вкупно 12.747 колку што ги има во општината, на крајот на март годинава се заложени во банка за земање кредит. Со ова Неготино го задржува долгогодишниот примат според процентот на станови под хипотека.

Ова е малку необично, зашто според вкупниот станбени фонд, Неготино е една од помалите општини во државата, во која барем до сега, интензитетот на градба беше мал.  Скопје, на пример, каде што е сконцентрирана станбената изградба е второ на листата со 18,61 процент станови под хипотека. Или, од вкупно 313.964 станови, колку што се регистрирани во скопскиот катастар, хипотека има над 58.439.

Во одделението за катастар во Неготино појаснуваат дека всушност не запишуваат многу хипотеки, или секој месец по десетина, а најмногу при крајот на годината. Велат дека големиот број хипотеки наведен во извештајот може да се должи на тоа што често запишуваат и отпишуваат товари на недвижнини, но информираат и дека има и голем број извршувања. Објаснување на ситуацијата не можат да најадат во земање хипотекарни кредити за купување на нова недвижнина во градот, па претпоставуваат  дека е можно неготинци да си ги ставаат под хипотека куќите или становите што ги поседуваат во Неготино, за да купат стан во Скопје, зашто, како што потенцираат, во последно време има многу иселувања во главниот град.

-До сега не се градеше многу, но сега почна. Се градат две станбени згради, едната веќе ја предбележавме, а другата наскоро. Но, тоа не го објаснува големиот процент станови под хипотека. Можеби причината е во тоа што голем број наши граѓани се селат во Скопје, па за да купат стан таму земаат кредит во банка, за што под хипотека ги ставаат и станот или куќата во Неготино, како и новиот стан што го купуваат во Скопје, појаснуваат во неготинскиот катастар.

Инаку, извештајот покажува дека интензитетот на зголемување на бројот на станови под хипотека во Неготино станува се поголем. Така, пред една година, на крајот на март лани, под хипотека биле 16,87 проценти од становите, за на крајот на минатата година бројот да се зголеми на 18,17 проценти, што значи дека за едно тримесечје дошло до раст од речиси еден процентен поен.

Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности во првиот квартал од годинава во државата имало вкупно 1.75.51 станови, од кои 124.255 биле ставени под хипотека, што е еднакво на 11,55 проценти од вкупниот станбен фонд во државата. По Неготино и Скопје со најмногу заложени станови е Гевгелија – 15,65 проценти. Следуваат Кавадарци со 13,84 отсто, потоа Битола со 12,19 отсто, па Штип со 12,07 проценти, Струмица со 11,5 отсто и Кочани со 11,14 проценти станови под хипотека. Во останатите општини заложени се помалку од 10 проценти од вкупниот број станови, а најмалку ги има во Македонски Брод, 1,64 и во Кратово 1,31 процент.

(С.В.)