Невработените ќе добиjат по 150 евра од државата, викенд без ДДВ за сите

Околу 100.000 граѓани кои се невработени, приматели на гарантирана минимална помош ќе добијат платежни картички од 9.000 денари со кои ќе може да се купуваат само домашни производи и да се користат домашни услуги. Овие картички ќе може да се користат 30 дена, а за нив вкупно ќе се потрошат 16 милиони евра. Исто така, 100.000 граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и платежна картичка од 3.000 денари со која ќе можат да купуваат само домашни производи. Оваа мерка ќе можат да ја користат сите вработени граѓани со нето-плата помала од 15.000 денари и никакви други приходи

625

Картичка за купување домашни производи и за летување во домашни капацитети за посиромашните граѓани, викенд без ДДВ за сите, пари и за младите, нови бескаматни кредити за компаниите, поддршка и за земјоделците, но и повисоки плати за здравствените работници кои беа во првите редови во борбата со ковид- 19 содржи третиот сет антикризни мерки кој вчера го усвои Владата, а го промовираше премиерот Оливер Спасовски.

Со овој трет сет мерки тежок 355 милиони евра ќе се опфатат 730 илјади корисници. Со него, вкупната помош на економијата со сите три сета ќе достигне 550 милиони евра, или 5,5 отсто од БДП.

– Третиот сет мерки се краткорочни и среднорочни мерки за македонската економија, заштитата, промоцијата и растот на домашната економска понуда. Сите три пакети во својот фокус ги имаа граѓаните на нашата земја, нивните работни места, социјална сигурност за полесно надминување на економските последици од коронавирусот, рече Спасовски, истакнувајќи оти тој ќе се однесува на сите социјално ранливи категории, невработени, здравствен сектор, како и граѓани од други категории.

Околу 100.000 граѓани, кои се невработени, приматели на гарантирана минимална помош ќе добијат платежни картички од 9.000 денари со кои ќе може да се купуваат само домашни производи и да се користат домашни услуги. Овие картички ќе може да се користат 30 дена, а за нив вкупно ќе се потрошат 16 милиони евра.

Исто така, 100.000 граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и платежна картичка од 3.000 денари со која ќе можат да купуваат само домашни производи. Оваа мерка ќе можат да ја користат сите вработени граѓани со нето плата помала од 15.000 денари и никакви други приходи.

Спасовски најави и помош за 100.000 млади луѓе од вкупно 12 милиони евра, што ќе се користат на повеќе начини. Тие ќе добиваат по 6.000 денари за покривање на партиципација во Универзитет или за сместување во ученички или студентски домови, како и платежна картичка од 3.000 денари и картички и ваучери за обуки во ИТ-секторот. Оваа мерка за млади, како што рече Спасовски, вклучува и ваучери од 30.000 денари за кофинансирање обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини за млади, со што ќе бидат финансиски поддржани да стекнат знаења и вештини од областа за информатичката технологија кои ќе им овозможат брзо вработување.

Во овој сет мерки креирана е една што ги опфаќа сите граѓани. Тоа е викенд без ДДВ, кога ќе може да се пазари по пониски цени.

-Поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Очекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кој ќе се слее во македонското стопанство, посочи Спасовски.

Има мерки и за помош на компаниите, стартап бизнисите, за земјоделците. Најавени се нови бескаматни кредити преку Развојната банка, гаранции за извозниците и за набавка на репроматеријали, поддршка за млади и жени основачи или управители на бизниси и слично.

Субвенцијата за земјоделците за зелена нафта од ланските 30 сега се зголемува на 50 проценти. Исто така, пасиштата ќе се даваат на долгорочен закуп, ќе се поттикнуваат винарскиот и тутунскиот бизнис и друго.

За лекарите и медицинските сестри на инфективните клиники и во итната помош предвидено е покачување на платите за 20 проценти во форма на ваучери за купување на домашни производи.

Спасовски оцени дека со овој сет мерки се оди еден чекор понатаму, а тоа е ревитализација, закрепнување на економијата, стимулирање на потрошувачката и на индустријата и е директна помош од државата и на граѓаните и на стопанството. Тој посочи дека третиот сет економски мерки е широко усогласен со експерти, стопанските комори, синдикатите и оти креирањето на мерките е направено максимално транспрентно и во целосно инклузивен процес.

Според него, додека првиот и вториот сет беа навремени и сериозни за спас на работните места, овие мерки ќе бидат директна финансиска поддршка за стимулирање на потрошувачката, награда за лекарите и медицинскиот персонал на лекарите и инфективните одделенија, по принципот никој да не биде изоставен.

(С.В. )