Фотографиите од Пекинг прикажуваат невообичаена глетка, – улици без луѓе и возила, што е вистинска реткост за овој град.

Улиците на Пекинг и други кинески градови, во кои вообичаено има метеж и сообраќај, денеска се пусти. Во Кина овој период вообичаено е време кога милиони Кинези патуваат до своите домови за да ја прослават Кинеската нова година со своите семејства.

Но, оваа година, сезоната на празници, кои траат до 4 февруари, стана сезона на страв поради појавата на корона вирусот низ земјата, вклучително и главниот град Пекинг. Поради тоа откажани се новогодишните прослави и традиционалните пазари во близина на храмовите, а многумина Кинези нема да можат да патуваат до нивните домови.

Вухан, градот од 11 милиони жители во централната провинција Хубеи, кој е жариштето на вирусот и уште неколку околни градови со вкупно 50 милиони граѓани, се наоѓаат во изолација.

Шангај привремено го затвори Дизниленд, а во кината се откажани премиерите на седум блокбастери. Најголемите и најважни прослави се откажани и во Макау и Хонгконг, во кои се забалежани по два случаи на заболени од новиот вирус.

Досега до вирусот починаа 41 човек, а заболеа повеќе од 1.300 луѓе во светот.