Неверојатно откритие на холандските лекари: Во главата на човекот воочиле нов орган

645

Холандски доктори во текот на еден рутински преглед наишле на несекојдневно откритие и воочиле нов орган во главата на човекот.

Додека со напреден тип на скенер прегледувале пациенти со карцином на простата, нив им вбризгувале радиоактивна глукоза со помош на којашто се откриваат тумори во телото.

Сепак, тие откриле нешто неочекувано. Во задниот дел на носниот дел од фаринксот (назофаринкс) – зад носот и над непцето, во близина на центарот на главата – воочиле големи плунковни жлезди.

„Луѓето имаат три групи големи плунковни жлезди, но не во таа област“, ​​објасни онкологот Воутер Вогел од холандскиот институт за рак.

“Колку што знаеме, плунковните жлезди во назофаринксот се микроскопски мали. Затоа, можете да замислите колку бевме изненадени кога ги најдовме”, додаде тој.

Плунковните жлезди произведуваат плунка што му е потребна на нашиот дигестивен систем. Најголемиот пар плунковни жлезди лежи зад аголот на долната вилица, пред ушите. Два помали пара се длабоко во основата на устата. Имаме и околу 1000 помали плунковни жлезди кои се расфрлани насекаде во усната шуплина, но тие се премногу мали за да се видат без микроскоп.

Експертите веруваат дека досега не ги забележале бидејќи се наоѓаат на тешко достапно анатомско место под основата на черепот. Можно е дека лекарите претходно ги забележале нивните отвори, но претпоставувале дека се поврзани со некој друг систем.

Дополнително, ваквите структури можат да се детектираат само со употреба на понапредна технологија за скенирање, како што е PSMA PET / CT, односно нема да се видат на ултразвук, КТ или магнетна резонанца.