Кошаркарите на Мајами продолжуваат да воодушевуваат и да ги рушат плановите на најголемите фаворити на Истокот во плејофот во НБА лигата. На вториот натпревар од конференциското финале, Мајами ја надополни негативата од 17 поени во втората четвртина против Бостон, победувајќи со 106:101, за водство со 2-0 во серијата и стигнувајќи до две победи од влез во првото финале по 2014 година.

Горан Драгиќ беше најдобар стрелец за Мајами со 25 поени, Бам Адебајо постигна 21, а Данкан Робинсон 18, но херој беше Џими Батлер. Иако го заврши мечот со релативно скромни 14 поени, имаше три клучни украдени топки во последната четвртина, од кои првите две резултираа со експресни контранапади, а третата дефинитивно го реши мечот.

На полувремето, Мајами губеше со 13 поени, а никогаш во историјата со такво заостанување не се вратил во плејофот. Со надоместувањето од 17 поени тие го изедначија клупскиот рекорд во плејофот.

  • Сакаме да си ги отежнуваме работите, да имаме двоцифрена разлика и потоа да се вратиме, истакна Батлер.

Кемба Вокер постигна 23, а Џејсон Тејтум и Џален Браун по 21 поен за Бостон, од чии соблекувални се слушнаа непријатни звуци по натпреварот. Американските новинари известуваат дека кошаркарите на Селтикс се расправале гласно и фрлале работи, а емотивниот Маркус Смарт излетал врескајќи и пцуејќи.

  • Бевме фрустрирани, но така е во тимските спортови. Не можеме да бидеме среќни кога ќе губиме со 2-0. Но, не беше невообичаено, само разговаравме за мечот, ја смири ситуацијата Тејтум.

Третиот натпревар од финалето на Истокот се игра во ноќта меѓу сабота и недела.