НБРМ: Економијата закрепнува, во третиот квартал растот над очекуваното

92

Третиот квартал од 2018 година економијата покажа раст од три проценти што е подобро во однос на очекувањата на Народната банка на Република Македонија, а расположлиите податоци покажуваат поповолни поместувања во економијата и во четвртиот квартал, соопшти НБРМ по одржаната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.

Во соопштението се додава дека во четвртиот квартал имало забрзан раст на активноста во индустријата и прометот во трговијата, како и висок раст на извршените градежни работи, наспроти нивниот пад во третиот квартал на минатата година.

Од НБРМ наведуваат дека податоците укажуваат на натамошно закрепнување на економијата.

Во однос на инфлацијата се наведува дека таа е согласно проекцијата од 1,5 отсто за 2018 година, но дека движењето на поголем дел од увозните цени се променети во надолна насока. амнотежени.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка.

– Растот на девизните резерви во јануари 2019 година, засега е малку поумерен во однос на проектираниот раст за првиот квартал, а анализите на показателите за нивната адекватност покажуваат дека девизните резерви и натаму се одржуваат во сигурната зона. Според досегашните расположливи показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешно-трговската размена за периодот октомври – декември 2018 година укажуваат на остварување подобро трговско салдо во однос на очекувањата, стои во соопштението.

Во јануари 2019 година има месечно намалување и на депозитите и на кредитите, што според НБРМ  е вообичаено поместување за овој месец од кварталот.

Забележан е раст на ликвидните средства на банките кој е одраз на сезонски пониската побарувачка за денарска готовина од страна на правните и физичките лица по новогодишните и божиќните празници.

-На девизниот пазар, при сезонски висока понуда на девизи од менувачниците во декември минатата година,  банките насочија дел од вишокот девизни ликвидни средства кон Народната банка која интервенира со умерен откуп, од два милиона евра на почетокот на јануари годинава. До крајот на минатиот месец, со оглед на повисокиот месечен пад на понудата на девизи кај менувачниците и на падот на побарувачката за девизи кај корпоративниот сектор, банките остварија нето-продажба на девизи за нивните клиенти, наспроти нето-откупот во декември, што е вообичаено за овој месец од годината. Банките ја надоместија нето-побарувачката за девизи од сопствени извори, но и преку тргување на меѓубанкарскиот девизен пазар, наведуваат од НБРМ и додаваат дека во текот на јануари и првата седмица од февруари, банките ги неутрализираа краткорочните промени кај денарската ликвидност преку приспособување на пласманите во расположливите депозити преку ноќ кај Народната банка, што овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата.