Турскиот кошаркаски репрезентативец со македонско потекло Чеди Осман и неговата вереница, актерката Ебру Сахин на 1. јули ќе се венчаат во македонскиот бисер – Охрид.

Ѕвездата на НБА тимот Кливленд кавалирс, која е родена во Охрид, рече дека има желба да направи свадба во родниот град каде што има голем број на роднини. Ова секако ќе биде настанот на годината, не само за Охрид туку и за целата држава, со оглед што станува збор за еден од најквалитетните европски кошаркари во моментов. Осман кариерата ја почна во Анадолу Ефес, а дресот на „коњаниците“, каде што едно време беше соиграч и со Леброн Џејмс, го носи од 2017 година.

Двојката, која е заедно од 2020 година, една недела подоцна ќе направи свадбена церемонија и во турското туристичко место Чешме, каде што се запознале и каде што ја почнале својата врска. Чеди ја побара за жена актерката пред кусо време во Кападокија, по што веднаш стана јасно дека бракот ќе им почне во неговиот омилен Охрид, каде што секое лето минува по неколку недели.

Осман освен по своето македонско потекло е познат и по тоа што неколку пати досега има настапувано на големи натпреварувања со македонското знаме на своите патики.

-Роден сум во Македонија, но играм за турската репрезентација. Затоа решив да ги ставам знамињата на двете земји на патиките, за да покажам дека ги претставувам двете држави. Сакав да им искажам љубов на двете земји, бидејќи знам дека имам поддршка таму,изјави порано Осман.

Осман е роден во Охрид во 1995 година, а кошарка почнал да тренира во славниот клуб од БиХ, Босна. Поради турското потекло на татко му веднаш се здобил со турско државјанство кога во 2011 година се преселил во Анадолу Ефес.

Тој се пријави на НБА-драфтот во 2015 година, кога од Минесота беше избран во втората рунда како 31. пик, за веднаш потоа да биде префрлен во Кливленд. Со репрезентацијата на Турција има освоено две злата на младински европски првенства.