Младиот кошаркар на Њу Орлеанс Пеликанс, Џексон Хејс, е обвинет по 12 точки по неговото апсење минатото лето, што одекна низ целиот свет и повторно го разгоре прашањето за полициското насилство врз Афроамериканците. Обвинението опфаќа семејно насилство, нанесување телесна повреда на партнерката, вандализам, давање отпор при апсење и насилничко однесување кон полицаец.

Хејс беше уапсен на 28 јули пред неговиот дом во Лос Анџелес. Братучедот на неговата девојка повикал полиција откако добил порака дека Хејс станал гласен и насилен. Доаѓањето на полицијата видно го изнервирало, се скарал и сакал да се врати во куќата, а кога полицијата го запрела тој оттурнал еден од нив, по што го собориле и на крајот го електрошокирале.

Еден од полицајците накратко го држел со коленото во близина на вратот пред колегата да го предупреди да го тргне. Тој детал особено ја вознемири американската јавност , пред се поради убиството на Џорџ Флојд, кој почина откако полицаец со своето колено го држеше за вратот речиси 10 минути. Оттогаш, ЛАПД ја забрани таквата употреба на сила.

Откако полицијата ја објави снимката од апсењето, таа стана вирална, а против полицајците започна истрага за оправданоста и количината на сила употребена при апсењето на кошаркарот.

Хејс оваа сезона одигра 34 натпревари за Пеликанс, а воп просек бележеше по 7 поени и 3.5 скока по натпревар.