И покрај пандемијата на коронавирус, македонскиот репрезентативец Војдан Стојановски, се обидува на најдобар можен начин да ја одржи својата форма, за кога ќе продолжи сезоната да биде „фит“ на кошаркарските терени.

Вообичаено скромен и тивок, капитенот на македонската селекција во разговор за дневниот весник ВЕЧЕР откри дали во иднина би се испробал во силната НБА лига. Исто така, членот на Данкерк додаде колкави ни се шансите за пласман на Европското првенство наредната година, иако нашата селекција лошо ги стартуваше квалификациите, со два пораза, од кои еден на домашен терен против директниот конкурент за третотo место во групата, селекцијата на Естонија. Покрај Естонија, „црвено-жолтите“ загубија и на гости кај Русија со што значително ги намалија шансите за пласман на големиот континентален собир.

ФОТО: Петр СТОЈАНОВСКИ

Инаку, Војдан најголемиот успех во кариерата го забележа на Европското првенство во Литванија пред девет години, кога во 2011 година со „црвено-жолтите“ го освои историското четврто место. Што се однесува на клупски план, настапуваше во најсилните европски лиги, како Шпанија (Андора, Бетис), Франција (По Ортез, Данкерк), Турција (Бујукчемече), Германија (Алба Берлин, Олденбург)…, а од освоени трофеи, може да се пофали со шампионска титула во Македонија (Фени Индустри-2011 година) и Украина (Доњецк – 2012 година), Куп на Македонија (Амак – 2009 година) и Куп на Германија (Алба Берлин – 2014 година).

Како успевате да ја одржите својата форма со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме?

Првите неколку дена, откако се вратив во Македонија, правев краток одмор, меѓутоа веднаш потоа почнав да тренирам за да се одржувам во форма колку што можам и колку ми дозволуваат условите.

Во време на пандемијава, повеќе или помалку речиси сите сме ограничени. Што вам најмногу ви недостасува?

Најмногу ми недостасува тренирањето со тимот и натпреварите, а секако и дружбата со пријателите.

Дали режимот на исхрана е променет од оној редовниот кога сè уште бевте активен на теренот?

Не, пробувам да внесувам колку што можам повеќе витамини, така го одржувам моето тело и физичката и психичката подготвеност.

Ги „прошетавте“ речиси сите европски лиги. Дали следна дестинација е силната НБА лига?

Верувам дека НБА е желба на секој кошаркар, меѓутоа искрено многу повеќе ја сакам европската кошарка.

Започнавме лошо во квалификацискиот циклус за ЕП. Дали со тоа ги губиме шансите за пласман на големиот континентален собир, иако, како што велат, спортската надеж последна умира?

Имаме сè уште шанси за пласман на Европското првенство, да изгубивме од Естонија заради тоа прво полувреме каде што бевме катастрофални, но се надевам дека следниот циклус ќе извлечеме поука од овие два натпревара и ќе играме многу подобро.

Дали оваа селекција има капацитет да се најде на едно Светско првенство?

Светското првенство малку е далеку за нас, искрено не ни размислуваме за тоа, насочени сме само кон Европското првенство. Засега, нашите погледи се само кон квалификациите за пласман на големиот континентален собир.

За крај, што ќе им порачате на нашите сограѓани околу ова време на пандемија?

Останете здрави и држете дистанца, короната сè уште не си замина.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ