На 80 се разведоа, па се степаа за ремек-дела вредни милијарда долари

203

Ларк Е. Мејсон, познат експерт за уметнички дела верува дека продажбата на уметничката колекција на бившите сопружници Меклоу може да го надмине досегашниот рекорд на колекцијата на Рокфелер, вредно 865 милиони долари. Меѓу уметничките дела во збирката на Меклоу покрај дела од Пабло Пикасо и Марк Ротко се и „Nine Marilyns“, познатото дело на Енди Ворхол инспирирано од Мерилин Монро, проценето на 50 милиони долари и скулптурата “Le Nez” од Алберт Џакомети вредна помеѓу 35 и 65 милиони долари…

Меѓу трговците со уметнички дела на Западот популарна е изреката дека најголемата продажба на уметнички дела ја покренуваат „трите Д“: death (смрт), debt (долг) и divorce (развод). Сепак, ретко се гледа развод кој доведува до продажба на уметничка колекција од баснословни – една милијарда американски долари. Сепак и тоа се случува, а актерите во токму еден ваков развод, кој е и еден од најпознатите во историјата на Њујорк,  се милијардерот Хари Меклоу (82) и неговата сопруга, Линда (81), истакната членка на високото општество, позната по својата склоност кон уметноста.

Нивниот проблематичен развод, веќе неколку години се развлекува не само во жолтата штампа, туку за него пишува и угледниот „Њујорк тајмс“. Причината е што сопружниците не можат да се договорат за поделба на спектакуларната уметничка колекција во која меѓу другите се содржани и дела од Пабло Пикасо, Марк Ротко, Албертo Џакомети и Енди Ворхол.

Успешни бизнисмени и вљубеници во уметноста

Роден во еврејско семејство во Њујорк, Хари Меклоу уште од млада возраст покажал огромна склоност кон бизнис. Заинтересиран за архитектурата и модерната уметност, Меклоу стана успешен градежник и инвеститор познат по градењето на елегантни модернистички облакодери во Њујорк како Metropolitan Tower. Во својата децениска кариера бил инвеститор на недвижности и шеф на Macklowe Properties, а неговото богатство се проценува на 2 милијарди долари.

Тој  во 1959 се оженил со Линда Бург, кустос во музејот Гугенхајм, со кого ја споделил страста за уметноста. Но, во 2016 година се случил прекин на 57-годишниот брак на Линда и Хари Меклоу, кој потоа ја напуштил сопругата и се преселиле во луксузен стан што го споделил со својата љубовница Патриша Ландо.

Откако ја почувствува на својата кожа старата поговорка, „за брак се доволни две, a за развод најмалку три лица “, Линда Меклоу поднесе барање за развод во летото 2016, со што започна мачниот судски процес.

Специјална драма се одвиваше околу уметничките дела, така што двајцата ангажираа специјални советници за да ја проценат вредноста на колекцијата. Притоа, Линда, член на Управниот совет на музејот Гугенхајм, тврдеше дека таа е „мозокот“ на уметничката набавка, а не нејзиниот сопруг, „момчето на предградијата на Њујорк“, кого таа го вовела во софистицираниот колекционерски свет.

Продажба на колекцијата –единствено решение

Откако две години ги слушаше валканите поединости од бракот на сопружниците Меклоу, долг речиси 60 години, судијата Лора Драгер донесе пресуда кон крајот на минатата година во која им нареди на завојуваните поранешни сопружници да ја продадат уметничката колекција и потоа да ги поделат парите. Но, Линда Меклоу не беше задоволна од одлуката.

Таа сакаше колекцијата да остане комплетна и во нејзината сопственост, а потоа, доколку треба, повремено да  продава некои од уметничките дела. Таа поднесе жалба до Апелацискиот суд, блокирајќи ја продажбата на уметничките дела. Но и Хари не остана должен. Бидејќи „развод на сите разводи“ заврши во декември 2018, ништо не го спречи да се прежени. Линда неодамна доживеа уште еден удар: Апелациониот суд во Њујорк не ја прифати нејзината жалба и ја потврди пресудата на судијата Драгер. Фантастичната колекција на уметнички дела што се проценува помеѓу 700 и една милијарда долари оди на продажба, а парите ќе бидат поделени на два еднакви дела.

„Мое чувство е дека ова може да биде најголема колекција на уметнички дела за која се наддава на аукција, во последните децении“, изјави за „Њујорк тајмс“ Ларк Е. Мејсон, познат експерт за уметнички дела.

Тој рече дека минатата година аукциската куќа Кристи ја продаде колекцијата на Дејвид Рокфелер во вредност од 865 милиони. Но, тој верува дека продажбата на уметничката колекција на Меклоу може да го надмине досегашниот рекорд.

Меѓу уметничките дела се и „ Nine Marilyns “, познатото дело на Енди Ворхол инспирирано од Мерилин Монро. Вредноста на делото е проценето на 50 милиони долари, а вредноста на скулптурата “Le Nez” од Алберт Џакомети е помеѓу 35 и 65 милиони долари. Американските медиуми неофицијално откриваат дека продажбата на колекцијата na Маклоу ќе ја надгледува Мајкл Финај, поранешен шеф на импресионистичката и модерната уметност во аукциската куќа „Кристи“. Во секој случај, судот не сака да чека затоа што, како што se наведува вo пресудата, секое одложување би „служело само за да се продолжи расправијата меѓу двajцата осумдесетгодишници“.