На 7 и 8 март 1931 година два разурнувачки земјотреси го погодиле Валандовско-гевгелиското подрачје. Главниот удар на 8 март е регистриран од бројни сеизмолошки станици низ светот, од кои најоддалечената е на 18.000 километри од Валандово, станицата во Велингтон (Нов Зеланд). Забележано било преполнување на базените во Негорските Бањи за време на главниот удар, но и покачување на температурата на водата за 4 степени (од 36 на 40 °C), која се вратила на својата нормална температура дури по 10-12 дена. За разлика од оваа бања, бањата кај Струмица по главниот удар речиси целосно пресушила. По речиси пет недели водата повторно почнала да се враќа во бањата. Во епицентралното подрачје речиси сите бунари со пивка вода се наполниле со жолтеникава и матна вода. Нивелманот извршен во 1933 година укажа дека, освен наведените површински терестријални промени, котлината на Валандово е спуштена за 40+ сантиметри

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

На 7 и 8 март 1931 година, два разурнувачки земјотреса го погодиле Валандовско-гевгелиското подрачје. Главниот удар од 8 март е регистриран дури и во сеизмолошката станица во Велингтон (Нов Зеланд). За време на земјотресот биле оштетени околу 45 населени места, од кои 29 во најтесното епицентрално подрачје (претежно регионот на Валандово) и 16 во неговата непосредна околина. Во самото епицентрално подрачје речиси целосно биле уништени 89% од севкупниот градежен фонд, додека во непосредната валандовска околина биле уништени 39%.

Најтешко погодени, односно срамнети со земја биле селата: Пирава, Јосифово (Караѓорѓево), Валандово, Балинци, Брајковци, Грчиште, Удово, Градец, Миравци (Миронче), Милетково, Ѓавато, Демир Капија, Давидово, Благуш и Смоквица.

Посебно тешко биле оштетени селата Богородица, Стојаково, Богданци, Негорци, Моин, Кованци, Коњско, Серменин (Терменин) и Хума во кои сите објекти биле напукнати, а имало и многу срушени.

Деветте земјотреси со магнитуда меѓу 4 и 6,7 се случиле во ова епицентрално подрачје за само два дена, на 7 и 8 март 1931 година. Едниот од нив воедно е и најсилниот досега познат земјотрес во овој регион, со магнитуда од 6,7 степени и длабочина на eпицентарот од околу 16 км.

Земајќи ја предвид големината и просторната дистрибуција на оштетувањата, бројот на човечки жртви и повредени не бил сразмерно висок. Во овој земјотрес загинале 31, а биле повредени 82 лица. Малиот број на човечки жртви и повредени се должи на двата помали земјотреса, кои му претходеле на главниот удар, алармирајќи му на населението да ги напушти објектите, овозможувајќи поголемиот дел од населението главниот земјотрес да го доживее надвор од објектите.

Силниот удар бил причинител и на оштетувања на теренот и природната околина, јасно изразени преку деформации на железничката пруга, значајни површински пукнатини во земјиштето, рушење на карпести маси, појава на подземни води – извори и на места значајни денивелации на теренот.

Во епицентралното подрачје речиси сите бунари со питка вода се наполниле со жолтеникава и матна вода. Нивелманот извршен во 1933 година укажа дека, освен наведените површински терестријални промени, котлината на Валандово е спуштена за 40+ сантиметри.

Забележано било преполнување на базените во Негорските Бањи за време на главниот удар, но и покачување на температурата на водата за 4 степени (од 36 на 40 °C), која се вратила на својата нормална температура дури по 10-12 дена. За разлика од оваа бања, бањата кај Струмица после главниот удар, речиси целосно пресушила. По речиси пет недели, водата повторно почнала да се враќа во бањата.

Главниот удар од 8 март 1931 година беше регистриран од многу сеизмолошки станици низ светот, од кои најоддалечената е на 18.000 километри од Валандово, станицата во Велингтон (Нов Зеланд).