„Изградбата или реконструкцијата на Универзална ќе биде сериозен зафат и за истиот ќе бидат потребни околу 2 до 3 години. После повеќе од 4 години тапкање во место, неблагодарно е да се прогнозира кога повторно ќе се отворат нејзините врати. Сепак, за работите да се случат треба да си поставите цел и истата да ја визуелизирате. Не одете никаде на 13-ти ноември, 2023-та година, бидејќи во мојот календар тој е датумот кога после долго време, повторно ќе ги отвориме вратите на нашата Универзална сала“, вели за весникот „Вечер“ Филип Аврамчев, директор на Универзалната сала

„Повеќе од четири години Универзална сала е надвор од функција, што е голема болка на скопјани. Многу проекти, многу помпезни најави и на крајот – ништо. Главниот проблем е обезбедувањето на средства. Објектот е дотрајан и потребен е сериозен зафат. Проценките се дека изградбата би чинела помеѓу 10 и 15 милиони евра. Министерство за култура годинава додели 500 илјади евра на Град Скопје за Универзална сала. Тие средства се премалку за воопшто да се почне некој од постоечките проекти. Искрено се надевам дека во буџетите за 2020 ќе се одвои позначителна сума на средства и конечно, ќе се започне долгонајавуваната реконструкција или изградба на нова Универзална сала “, вели за весникот “Вечер“, Филип Аврамчев директор на оваа институција.

Запрашан за тоа дали и кога скопјани повторно ќе влезат во Универзалната сала, Аврамчев е оптимист  дека 2020-та ќе биде годината кога ќе започне градбата на Универзална сала. „Изградбата или реконструкцијата на Универзална ќе биде сериозен зафат и за истиот ќе бидат потребни околу 2 до 3 години. После повеќе од 4 години тапкање во место, неблагодарно е да се прогнозира кога повторно ќе се отворат нејзините врати. Сепак, за работите да се случат треба да си поставите цел и истата да ја визуелизирате. Не одете никаде на 13-ти ноември, 2023-та година, бидејќи во мојот календар тој е датумот кога после долго време, повторно ќе ги отвориме вратите на нашата Универзална сала“, додаде Аврамчев.

Но дали се работи и што во моментов се случува на овој план, Аврамчев со одговор дека Град Скопје, во консултација со неколку архитекти, ја споредува исплатливоста на реконструкцијата наспроти изградбата на целосно нов објект.

„Точно кога и дали воопшто ќе има нов проект, не можам да Ви одговорам. Во овој момент постојат три готови проекти за Универзална сала. Првиот е за реконструкција од 2005-та, вториот е целосно нов објект, поточно она веќе фамозно ‘јајце’ и третиот за реконструкција и доградба, на Градежен Институт Македонија (ГИМ)“, вели директорот на Универзална, додавајќи дека во моментот се прават анализи која варијанта е поисплатлива. За проектот „јајце“ кој вклучува целосно нов објект Аврамчев вели дека има проценета вредност од околу 60 милиони евра. „Мислам дека токму сумата на чинење е најголемата причина зошто поранешните власти се имаат откажано од овој проект“, посочува тој. Инаку, на прашањето кога на јавноста ќе ѝ биде откриено каков ќе биде изгледот на Универзалната сала, обемот на работите, како и потребното време и средства за негова реализација, тој со одговор дека тоа ќе се случи тогаш кога ќе се донесе финалната одлука за тоа кој проект ќе се изведува, кога ќе се обезбедат средства по што ќе се знае и динамиката на изградба.

Од Град Скопје, каде според Аврамчев се консултираат околу исплатливоста на реконструкцијата наспроти изградбата на целосно нов објект, пред неколку месеци изјавија дека „во финална фаза е изработката на проектот за новиот изглед на Универзална сала, по што ќе се знае конкретно изгледот и обемот на проектот, како и времето и средствата потребни за овој проект. Штом проектот биде готов, истиот ќе биде споделен со јавноста“.

Оттаму потврдија дека објектот нема да го добие изгледот на јајце според проектот кој беше избран во рамките на конкурсот распишан од претходната Влада. Од Министерството за култура, пак, со одговор дека согласно програмата за користење на средства за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2019, за реконструкција со доградба и надградба на ЈУ Универзална сала – Скопје има обезбедено средства во износ од 30 милиони денари за фазите припремни работи и земјени работи.

„Министерството согласно доделениот договор средствата ќе ги префрли на Градот Скопје по доставено барање со приложена комплетна документација во предвидениот рок од договорот“, посочија од таму.

Да се потсетиме, лани во мај градоначалникот Петре Шилегов и тогашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски токму на бината во руинираната Универзална сала, потпишаа писмо за намери преку кое беше дефинирано финансирањето на изградбата да биде заедничко. Град Скопје годинава се откажа од таа обврска со образложение дека изградбата на нов објект бил проект кој ќе биде финансиран од страна на државата. „Станува збор за капитален проект, кој би чинел десетици милиони евра и е трошок што Град Скопје не може сам да го издржи“, рекоа од Град Скопје.

Инаку, како што е познато веќе со години Универзална сала пропаѓа, а нашата метропола нема соодветен простор за културно-уметнички манифестации меѓу 1.000 и 5.000 луѓе. Градоначалникот Шилегов во март изрази надеж дека градежните работи би започнале во текот на оваа (2019) година, Аврамчев, пак, е оптимист дека 2020-та ќе биде годината кога ќе започне градбата на Универзална сала. Што навистина ќе се оствари, а што ќе остане само на надеж, оптимизам и ветувања, останува да видиме… (Н.И.Т.)