На фестивалите во Мотовун и Сараево: Премиера на два македонски филма

100

Македонската продуцентска куќа „Авард филм“ и „Видео“ во јули и август ќе има премиери на два филма, во кои што се јавува како малцински копродуцент.

На 26 јули, во главната програма на Мотовун филм фестивал, својата премиера ќе ја има хрватскиот документарен филм „Туста“, посветен на фронтменот на култниот панк бенд Куд Идијоти.

Режисер е Андреј Коровљев, продуцент Фактум од Хрватска, а копродуценти Wake Up од Србија, Авард Филм и Видео од Македонија (Владимир Стојчевски и Горан Стојилковиќ) и Загреб Филм од Хрватска. Во филмот се појавуваат значајни имиња на музичари, новинари и музички менаџери од македонската алтернативна сцена. Македонската премиера е на „Синедејс“ во ноември.

На 19 август, пак, премиера во главната програма на престижниот Сараевски Филмски Фестивал ќе ја има и албанскиот игран филм „Отворена врата“ на режисерот Флоренц Папас. Продуцент на филмот е Бункер Филм+ од Албанија, а како копродуценти се јавуваат Circle film од Косово, Лупин Филм од Италија и „Авард филм“ и „Видео“ од Македонија.

Како македонски дел од екипата во проектот учествуваат и актерот Висар Вишка, композиторот Александар Пејовски, целосната екипа на секторот звук… Mакедонската премиера е на фестивалот „Манаки“, во септември.