Во реонот помеѓу општините Делчево, Берово и Пехчево се уште гори борова шума чија чад е забележлива во трите општини. Ситуацијата иако е под контрола, како што вели градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, најкритична е на локацијата Грбавица над селото Разловци, која е граничен појас меѓу Делчево, Пехчево и Берово и каде чадта е најгуста во моментот.

„Имаме овде од специјалните сили на МВР, има мештани коишто се од село Разловци и беровскиот крај коишто помагаат, за огнот да биде под контрола, иако огнот се шири во зависност од ветрот на сите страни. Ова е најголемо жариште кое треба да се изгасне за да ставиме некако крај, меѓутоа константно се самозапалува, секој ден имаме нови жаришта и ова лудило кога ќе престане не знам да ви кажам“, изјави Трајковски.

Медицинското лице Гордана Боболинска додаде дека засега како екипа имаат полесни интервенции на кои се пожалиле учесниците во гаснењето на пожарите.

„Повредени нема, ама луѓето се изнемоштени, бараат витамини, бараат за мускулна болка, се жалат на желудочни болки. Сепак за среќа, засега нема сериозно повредени“, рече Боболинска.

Меѓу екипите кои гаснат на терен се и пожарникари од Бугарија, чиј командир Георги Пармаков истакна дека ситуацијата на споменатите локации е под контрола.

„Во моментот на местото каде се наоѓаме, ситуацијата кај нас е прилично смирена, има неколку жаришта на коишто во моментов се интервенира и се гаснат. Во моментот има многу луѓе од Разловци  меѓу кои и нашите луѓе од Бугарија, а исто така има и многу луѓе од армијата и Специјалните сили ,,Тигри” кои цел ден се со нас“, рече Пармаков.

Во моментот во село Разловци пристигнуваат голем број донации во храна и вода обезбедени благодарение на хумани граѓани, фирми и организации.