“Жена убава“ се однесува на сите жени кои за мене се убави, секоја на свој начин. За секој маж има жена која му е убава, не мора само да му е сопруга или девојка, тоа може да биде и сестра, мајка, пријателка…

Познатиот македонски пејач Ташко Каранфиловски, а поупатените велат и “кршач на женските срца”, пее за убавите жени, песна која е хит и за која владее голем интерес кај публиката. Песна со токму таков наслов “Жена убава“ Ташко и ја заврши 2020 година, но и ја почна оваа 2021 бидејќи песната не се симнува од топ листите.

-Јас сум презадоволен од реакциите на публиката, моите фанови. Песната е преубава, премиерно ја испеав на познатиот фестивал “Роса-фест“. Настана во соработка со Љупчо Соколовски-Бубе, Новица Василевски и Милан Завков, а текстот е на Далибор Даки Ѓошиќ. Брза, модерна песна за која ќе речам дека мораше да успее, а особено кај помладата публика која, по некое непишано правило, ги сака повеќе тие побрзи песни. “Жена убава“ се однесува на сите жени кои за мене се убави, секоја на свој начин.

За Ташко секоја жена е убава, не мора само да е сопруга или девојка, тоа може да биде и сестра, мајка, пријателка, нели, вели распеаниот Ташко за весникот ВЕЧЕР, а кој нагласува дека и тој е “заглавен“ со месеци во карантин поради пандемијата како и неговите колеги.

-Нема настапи, нема турнеи низ земјата, а за Австралија и да не коментирам. Но има голем оптимизам дека еден ден сè ќе помине, ќе им се вратиме на живите настапи, на дружбата со фановите. Тие со голема радост нè чекаат, пак да им пееме бидејќи тоа најдобро знаеме да го работиме. Од музиката туку така не се откажувам ниту јас, ниту колегите.

Ќе се стрпиме, чумата мора да замине, да останеме само здрави, порачува овој пејач кој сè почесто има хитовски песни со што ја збогатува македонската новосоздадена фолк-сцена.
Дуле Миќиќ /фото:ФБ