На срце ми лежи… Сузана Турунџиева: Умри женски

309

Како контра тежа на онаа позната , УМРИ МАШКИ, произлезена од истоимениот филм со Брус Вилис од крајот на осумдесеттите, деновиве размислував за тоа по  колку пати во текот на животот „умираме“, а никако да умреме… При тоа речиси секогаш ја изговараме фразата УМРИ МАШКИ, дури и кога не постои  објаснение за таканареченото машко умирање…

Е сега јас, бидејќи не сум машко, и не знам како се умира машки, туку „умирам“ женски, се чувствувам повикана да ве потсетам (вас жените, а и останатите кои нема да ја протолкуваат шовинистички оваа колумна) на тоа кои се најчестите причини и состојби поради кои ние жените „умираме“ дури и кога не мораме да умреме… а ги имаме сите аргументи да живееме и да бидеме среќни.

Значи одиме со ред:

Умираме секогаш кога дозволуваме да се распаднеме на илјада делови, само за некој друг да остане во целина, се со цел да го спасиме и да не  дозволиме да му се отвори некоја нова рана или повреда. Ние тоа го правиме тотално (не)свесни за нашите веќе постоечки рани, не придавајќи значење на нашето болно распаѓање и на последиците (од истото) со кои подоцна сами ќе треба да се соочиме..

Умираме секогаш (женски) кога (не)свесно престануваме да се грижиме за себе, ами приоритетот го ставаме на другите околу нас. На партнерот, на децата или на родителите. Запамти: Ти не си добар родител ако мислиш само на здравјето и среќата на твоите деца, а при тоа сопственото здравје и среќа ги ставаш во втор план. Истото се однесува и со здравјето на партнерот. Каква е таа љубов, ако мислиш само на неговото здравје?!  Зошто неговото треба да биде повеќе важно од твоето здравје? Запамти: Прв приоритет, помеѓу сите останати, треба да ти биде сопственото здравје. Така, поретко ќе „умираш“… И само така ќе можеш да се грижиш и за здравјето на тие на кои си им потребна.

Умираме секогаш (женски) кога се повлекуваме од нашите соништа и желби, правејќи отстапки за атер на другите и дозволувајќи му на стравот  да не принуди да потпишеме капитулација. Ова умирање изгледа лесно и безболно, но не е. Знае да биде  прилично непријатно, и последиците од истото се плаќаат долгорочно…

Умираме секогаш кога се трудиме на сите да им бидеме се… И поддршка, и пријател, и партнер, и финансиер и рамо за плачење… Затоа повлечи линија и навреме сфати дека е невозможно на сите (и за се) да им бидеш на располагање… Ризикуваш да се изгубиш себеси, и да „умираш“ долго и мачно… Во агонија!

Умираме секогаш (женски) кога веруваме, а не проверуваме… И подоцна, толку многу  страдаме, што  не можеме раат ни да си умреме.

Умираме секогаш (женски) заради немањето желба на нашиот партнер да работи на неговиот личен раст и развој, поради што ние се спречуваме себеси да растеме духовно и да напредуваме во нашето внатрешно растење. На тој начин, не само што стагнираме, туку и свесно тонеме… Ова умирање исто така е потиштувачко и фрустрирачко,  и цехот од ваквото (доброволно) умирање подоцна може да биде многу голем. Да не речам катастрофален!

Умираме секогаш (женски) кога се согласуваме на нешто што е многу помалку од она што заслужуваме… И ако ни е… Самите сме си криви.

Умираме секогаш (женски) кога ќе дозволиме да се жртвуваме и трошиме до тој степен да нашето „спасување на некого“ го чувствуваме како должност и обврска.

Умираме секогаш (женски) кога со натчовечки напори се трудиме да изгледаме совршено во очите на другите, коганасоцијалните медиуми  сакаме да оставиме впечаток дека сме среќни, а не сме, дека сме исполнети, а не сме, дека сме сакани, а не сме, дека сме паметни, а не сме, дека сме искрени, а и тоа (за жал) не сме… Умираме, тивко и женски…

Умираме секогаш (женски) кога нештата ги одлагаме за после, за утре, за друг пат… За понеделник, или за некои подобри времиња… Бидејќи подоброто време не се чека, не се ни враќа, туку се создава.

Умираме секогаш (женски) кога мислиме повеќе на другите, отколку на себе… А свесни сме дека тие не мислат на нас  ни пола од она  што ние се трудиме да мислиме и да им помогнеме..

Умираме секогаш (женски) кога забораваме на нештата и луѓето кои биле покрај нас кога ни било најтешко… Иако сме свесни дека не треба да ги запоставуваме и игнорираме, умираме секогаш кога трошиме време и внимание на оние кои не ги познаваме (одн.ги знаеме само од социјалните медиуми), а забораваме на оние со кои добро  се познаваме, но не користат соц.медиуми. На нашите возрасни родители, пријатели, роднини…

Да научиш да се сакаш и почитуваш себеси е важна, можеби и најважната лекција за да се поштедиш себеси од вакви бесконечни умирања… Тоа е умешност  и вештина која ќе те спаси од многу  женски страдања… Дозволувајќи да бидеме скршени на илјадници делови за да ги заштитиме другите, само не претвора во „самоубици“ кои си го предизвикуваат и менаџираат своето умирање и стануваат  зависни од некое следно, повторно умирање, што е вон било каков  разум.

Затоа она што мора да го научиме и совладаме е да воспоставиме рамнотежа помеѓу страста, грижите, околностите, преданоста спрема другите, но и спрема нас самите. Ако тоа можеме да го постигнеме, ќе живееме живот исполнет со задоволство и радост, со минимум „умирања“ без некоја посебна причина, и при тоа  многу побезболно ќе ја пронајдеме смислата на нашето постоење, како и одговорите на прашањето која е нашата улога на земјава. И сето тоа, без ниедно НО и АМА.

Затоа, да се обидеме да „умираме“ што е можно помалку и поретко… И дали е умирањето женско, или машко, потполно е небитно… Помеѓу ЖИВЕЕЊЕТО и УМИРАЊЕТО, да го одбереме СЕГАШНИОТ МИГ – сосе сите негови убавини, радости, неизвесности, па и неправди… Затоа што секој миг е неповратен  и е вреден за живеење! Наместо да умираш – ЖИВЕЈ!

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…