Како секоја година последниот викенд од ноември а, веќе во предновогодишното расположение и овој пат во Скопје традиционално се одржа фолк фестивалот “Роса фест“. И ако зад фестивалот стои најмакедонското фолк радио-Роса, фестивалот оваа година со своите песни како малку да отскокна од традиционалната македонска песна. На сцената на МОБ слушнавме и фолк мелодии кои слободно можеа да бидат изведени на некој фестивал на забавни песни. Веројатно дека уметничкиот директор Бобан Мојсовски типуваше и на вкусот на најмладата генерација слушатели која, да не се лажеме одамна е навлечена на поп-рок фолкот од Србија и Бугарија. Сепак, “Роса-фест“ си го задржа она своето: традиционална македонска песна во изведба и на најпознатитте македонски фолк-ѕвезди, но и во изведба на нови пејачки сили.

Одлични настапи имаа: Анета Наковска, Миле Кузмановски, Јасмина Гуњова, Сашко Апостоловиќ, Душко Георгиевски, Дамјан Стојановски, Кате и групата “Соната“, браќата Коки и Марјан Коцев,Стојне Николова, Мишко Крстевски, и многу други.
Најважниот дел од фестивалот и годинава се случи кога водителката Ирена Спировска (прекрасно женствено облечена) ги најави добитниците на наградата за “Животно дело“. Тоа се врвните уметници, бисерни грла на македонскиот фолк:Наум Петрески, Суат Усеин-Цуле и Сузана Спасовска Сузе-Национале. Сите тие потенцираа дека во ова време-невреме треба да се негува, да се зачува македонската песна за која и покрај напливот на странската музика треба да се бориме до последен здив.

Откако наградите беа доделени (а, тие се и единствените, бидејќи фестивалот нема натпреварувачки карактер) сите расположени и пејачи и новинари заедно со директорот на фестивалот Аце, заминаа на голема журка славејќи го така до зори, јубилејното 20-то издание на овој фестивал, еден од најдобрите во Македонија.    Дуле М.