На работа само вакцинирани или со ПЦР тест!

ВЛАДАТА УТРЕ ОДЛУЧУВА

157

Според министерот за здравство Венко Филипче болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75% до 80%. Со новите предлог-мерки сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите државни институции за одење на работно место треба да прикажат сертификат за вакцинација или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници. Препораките се мерки да ги практикуваат и приватните компании.
Задолжителната вакцинација, според Мрежата за спречување и заштита од дискриминација не е спротивна на Уставот.

 

Главниот Координативен кризен штаб (ГККШ) утре на својот состанок на кој присуствуваше и министерот за здравство Вено Филипче ги слушна мерките кои со консензус беа усвоени од Комисијата за заразни болест. Иако не беше донесен заклучок, овие мерки утре ќе бидат на дневен ред на Владата, а се очекува тие да бидат и усвоени.

Филипче на Кризниот штаб му укажа дека мерките кои ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава како и за зголемување на имунизацијата. Што се однесува за состојбата во државата, министерот образложи дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75% до 80%.

-Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија – посочил министерот Филипче, напомнувајќи дека ќе одржи состанок со Синдикатите за да ги слушне и нивните предлози, кои ќе бидат презентирани на владината седница.

Со новите предлог-мерки сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите државни институции за одење на работно место треба да прикажат сертификат за вакцинација или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.

Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои сè уште не се вакцинирале.

Препораките се мерки да ги практикуваат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата. Синдикатите пак бараат ПЦР тестот да не биде на товар на работникот.
Поддршка на предложените мерките има и од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација, од каде сметаат дека тие се неопходни и не се дискриминирачки затоа што се насочени кон заштита на јавното здравје.

-Индивидуалните права можат и треба да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите. Напротив, непреземањето на мерки од страна на властите со цел заштита на населението од ковид-19, под одредени околности, може да се смета за повреда на човековите права, наведуваат од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација.

Задолжителната вакцинација, според нив, не е спротивна на Уставот, бидејќи должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, претставува највисока граѓанска обврска.

-Согласно член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Задолжителната вакцинација, која е предвидена со Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права. Согласно чл.33 ст.7 од овој Закон, министерот, на предлог на Комисијата за заразни болести, може да одреди вакцинација и за други заразни болести – објаснуваат од Мрежата за спречување и заштита од дискриминација.

Д-р Грозданова национален координатор за имунизација:Ако медицинското лице не верува во науката и вакцината, не му е местото во здравството 

Најболна алка во пандемијата е тоа што ја немаме целосната поддршка од здравствените работници, смета проф. д-р Александра Грозданова, претседателката на Националниот комитет за имунизација. Таа на онлајн средба на која ќе се говори за процесот на имунизација против ковид-19 кажа дека медицинските лица кои не веруваат во науката и медицината нема потреба да работат во здравството.
– Ако медицинско лице не верува во науката или генерално во медицината во принцип нема потреба да биде во делот на здравството. Како здравствени работници во било кое ниво знаат дека превентивната медицина и вакцинацијата не постојат од сега, векови наназад ја има оваа улога. Имаме генерации на лекари кои не знат како изгледа дифтерија или пертусис, а со тоа се соочивме кога пред некоја година имавме епидемија на морбили. Младите колеги тогаш за прв пат видоа како изгледаат мали сипаници – вели д-р Грозданова.

Според неа, во земјава досега против ковид-19 се вакцинирани 75 отсто од здравствените работници.

(В.Ма.)