На „Про-За Балкан“: Попов и Басара ги примија наградите „Прозарт“

133

Со врачување на наградите за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот на годинашниот и на ланскиот добитник, Алек Попов и Светислав Басара, синоќа беше затворено седмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. Наградите им ги врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.

„Минатата година бев спречен да дојдам, а фестивалот имаше една година да размисли дали да ме бара или да бара друг добитник и остана свој на своето, што мене ми е особено драго, но и што по 30 години сум повторно во Скопје“, рече српскиот автор Светислав Басара, лауреатот за 2018, кој поради здравствени причини лани не можеше да дојде на фестивалот.

 

Годинашниот добитник на „Прозарт“, бугарскиот писател Алек Попов, пак, кажа дека „шегата е тест на интелигенцијата на кој би требало да сме подложни секој ден“.

„Бидејќи без интелигенција – нема толеранција. А без толеранција сме загубени“, рече Попов и прочита кус расказ под наслов „Гласот на Старата чаршија“ за мало девојче кое во еден момент станува господарка на светот. Тој воедно истакна и дека ја прифаќа оваа награда како израз на признанието на нешто што многу често се занемарува во литературните кругови кои имаат високи претензии во неговата земја. „Иронијата, парадоксот, хуморот, трансвестијата, карневалот. Дистинктивни карактеристики не само на мојот стил и гледање на светот, туку, генерално, на целата наша балканска култура. Тоа е можеби најсуштинскиот дел од оваа култура. Снобизмот, не само во литературата, е одвратен, а резултатот од него е мизеријата – идејна и творечка. Не случајно решив да ви раскажам приказна од периферијата… Некои од нашите интелектуалци болно се возбудуваат во врска со прашањето на ‘центарот и на периферијата’. Мислам дека треба да го земат примерот од тоа мало девојче во Чаршијата. За него ова прашање не постои. Со едно магично намигнување тоа станува центар на универзумот“, додаде Попов заблагодарувајќи се за наградата.