На продажба оди старата зграда на основното „Рајко Жинзифов“

92

Советот на Општина Велес донесе одлука да се продаде руинираната стара и напуштена училишна зграда во селото Долно Оризари, Велешко, сопственост на општината. Основното училиште „Рајко Жинзифов“ кое беше сместено во оваа зграда од 2 септември 2009 година е преместено во новоизградена училишна зграда во селото Горно Оризари.

Поради дотраеност, зградата која вредеше 5.880.000 денари е намалена за 30 проценти и на електронското наддавање ќе има почетна цена од 4.116.000 денари. Продажбата ќе биде објавена на страната на Општина Велес, наредната недела, преку систем на електронско наддавање. Објектот се состои од сутерен од 206, приземје од 393 и кат од 275 квадратни метри.

Во непосредна близина на старата училишна зграда се наоѓа Општинскиот затвор во Велес, а од другата страна на само неколку стотина метри е и стрелиштето за гаѓање на велешкиот гарнизон на Армијата. Од Општина Велес на електронското надавање очекуваат да се јават заинтересирани купувачи за овој објект.