На „Песна на Евровизија“, Тамара воодушеви, Македонија осма: Солзи радосници, ден кој не се заборава!

189

Напнатоста беше неизвесна до самиот крај. Тамара водеше со 23 поени пред Шведска, Италија и Холандија, но со гласовите од телевоутингот редоследот се смени. Сепак, за прекрасната изведба, таа сред самата песната доби фантастично ракоплескање

„Ден кој никогаш нема да го заборавам. Ви благодарам“, кусо напиша Тамара на својот твитер-профил веднаш по прогласувањето на победниците на еден од најпопуларните светски музички фестивали „Песна на Евровизија“ одржана овој викенд во Тел Авив.

– Верував во нашата песна и нашиот тим. Верував во тоа дека ќе го дадеме максимумот. Имавме одлична екипа со луѓе со кои секојдневно се гордеeв во Израел. На финалната вечер ве направивме да бидете горди. Бројот осум под кој настапив за мене симболизира бесконечност, а тоа значи дека сум бесконечно среќна со целиот мој тим, среќна за мојата татковина, беа реакциите на Тамара.

Да се потсетиме дека зад оваа убава песната „гордо“ стојат: Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, додека текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Како придружни вокали со Тамара настапија Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев.

На настапите и на главните официјални појавувања во Тел Авив, Тамара беше облечена во креациите на Александар Ношпал. Сите тие се како и целата Македонија воодушевени! Но, и никогаш подобри не бевме на овој значаен настан, за кој преку својот ФБ-профил покажа интерес и премиерот Зоран Заев.

Самиот фестивал одлично организиран, имаше и одлично обезбедување, Тел Авив прекрасен медитерански град, времето летно со плус 30 степени, се главните реакции на новинарите и гостите.

Инаку, 20-годишниот Данкан Лоренс од Холандија е победник на годинешниот избор на „Евровизија“. Со вкупно 482 освоени поени, тој  убедливо победи – со хитовската песна “Arcade“. Но, според гласањето на жирија од сите земји учеснички на фестивалот, Шведска доби 239 бода, а Северна Македонија само два бода помалку, 237. Одлучи публиката која за С. Македонија даде само 58 поени со што се смени редоследот. Тамара заврши на 8. место иако цело време беше во водство. Ова е досега најдобар пласман на Македонија на „Евровизија“.

Со тоа Македонија има право да се радува преку песната на Тамара посветена и на сите жени во светот! За Тамара гласаа дури и многу познати личности.  Британскиот пејач и некогашен член на групата „Калчр клаб“, Бој Џорџ, преку „Твитер“ откри дека гледа “„Евровизија“ и дека Тамара Тодевска му е фаворит. „Македонија ми е фаворит засега“, напиша тој по нејзиниот настап. Мега ѕвездите од соседна Србија, Светлана Цеца Ражњатовиќ и Јелена Карлеуша, на своите профили на социјалните мрежи се сложија дека Тамара треба да победи на „Евросонг“. Тие ги повикаа своите следбеници да гласаат за Македонија. „Тамара Тодевска браво“, напиша Цеца, а Карлеуша повика „Гласајте за Македонија“! Марија Шерифовиќ возвраќајќи исто така ја поддржа македонската претставничка преку нејзиниот инстаграм-профил, а веднаш по овие и Наташа Беквалац ги повика сите да гласаат за бројот 8 и Северна Македонија.

И иако Тамара не победи, Тамара блесна на сцената со маестралната изведба на песната „Горда“ за која во музичките кругови владее огромен интерес. Во самото финале настапија 26 земји, а гласаа сите учесници, вкупно 41 земја. Директен пласман во финалето на “Евровизија“ имаа основачите: Франција, Италија, Германија, Шпанија и Велика Британија. Во ревијалниот дел на финалето настапи Мадона. Настапија и дел од некогашните победници: Кончита, Дана Интернешнл, како и Верка Сердучка, Елени Фоуреира, Манс Зимерлов, кои ги отпеаја поранешните евровизиски песни.

Што се однесува до поените, 12 поени Северна Македонија и додели на Италија, а ние 12 поени добивме од: Австрија, Унгарија, Молдавија, Велика Британија, Албанија, Србија и Швајцарија.

За жал, имаше и немили, провокативни случки. Без тоа, во Израел очигледно не може, со оглед на нивната нетрпеливост со Палестина. Во тоа се вклучи исландската група „Хатари“ со палестински знамиња со кои ги дочека гласовите на публиката во финалето. Членовите на овој мултимедијален колектив држеа палестински знамиња пред лицето во моментот кога се појавија на екраните, додека водителите ги читаа гласовите што ги добиле од публиката. Во преносот што го следеа над 500 милиони луѓе, Исланѓаните беа во кадар неколку секунди, но доволно да се забележи нивниот протест. А, ова не беше единствениот политички протест на самата „Евровизија“.

Претходно за време на настапот на поп ѕвездата Мадона, двајца од нејзините танчари покажаа и палестинско знаме што предизвика огорчување кај Израелците. Мадона беше специјална гостинка на „Евровизија“, за чиј настап еден израелски бизнисмен издвоил дури 1,3 милиони долари. Таа ги изведе песните „Како молитва“, во чест на 30-годишнината од излегувањето на истоимениот албум и новиот сингл „Иднина“ со американскиот рапер Кваво, во придружба на голем хор.

Се на се, Евровизискиот фестивал донесе добри песни, одлични интерпретација со што полека но сигурно се враќа кон самата песна, напуштајќи го циркусот со сценските изведби кои беа карактеристични изминатите неколку години. Впрочем, и самото име на фестивалот е тоа дека се избира песна, а не спорадични ефекти кои најчесто се граничеа со тотален невкус…

Дуле М.