На пензионерите ќе им се здебелат паричниците, на едни за 1.000 денари, на други за 100 евра 

Усогласување на мартовските пензии за 8,4 %

346

Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, пензионерите за март ќе земат усогласени пензии со животните трошоци. Така, мартовските пензии ќе бидат усогласени за 8,4 насто, и со тоа просечната пензија во Македонија од 17.666 ќе се зголеми на 19.150 денари, што е за 1.484 денари. Со мартовското усогласување најмногу ќе се офајдат пензионерите со највисоки пензии, кои ќе имаат зголемување и од 100 евра, а за оние со најниски месечни приходи, зголемувањето ќе биде околу 1.000 денари. Во јануари годинава, според податоците на Пензискиот фонд на Македонија, биле исплатени вкупно 329.354 пензии, од кои најголемиот дел 226.894 се старосни, 73.799 семејни, 27.742 инвалидски, 860 воени и само 59 земјоделски

 

Мартовските пензии ќе бидат усогласени за 8,4 насто, и со тоа просечната пензија во Македонија од 17.666 ќе се зголеми на 19.150 денари, што е за 1.484 денари. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека усогласувањето на пензиите е согласно со новата методологија за пресметка, според која се земаат 6,1-процентуален пораст на платите и раст на трошоците за живот од 10,6 насто. Со мартовското усогласување најмногу ќе се офајдат пензионерите со највисоки пензии, кои ќе имаат зголемување и од 100 евра, а на оние со најниски зголемувањето ќе им биде околу 1.000 денари.

– Со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се предвиде нов начин на усогласување на пензиите, при што за пресметката на усогласувањето на пензиите се земаат растот на трошоците на живот и растот на просечната плата. Со овој начин на усогласување на пензиите се овозможува реален пораст на пензиите во однос на платите, односно како што ќе порасне просечната плата така во континуитет ќе растат и пензиите. Усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 % и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50 насто – појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Согласно со новата методологија, пензијата се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи.

– Усогласувањето на септемвриските пензии, кои беа исплатени со комбиниран модел од 50 % пораст на просечната плата и 50 % пораст на трошоците за живот, односно усогласувањето беше во висина од 6,8 % (порастот на платите 6,6 %, а порастот на трошоците за живот 6,9 %), со што просечната пензија од 16.348 денари се зголеми на 17.666 денари – објасни во неколку наврати Јованка Тренчевска, министерката за труд и социјална политика, дополнувајќи дека вакво усогласување на пензиите согласно со законската регулатива ќе има и во септември годинава.

Во јануари годинава, според податоците на Пензискиот фонд на Македонија, биле исплатени вкупно 329.354 пензии, од кои најголемиот дел 226.894 се старосни, 73.799 семејни, 27.742 инвалидски, 860 воени и само 59 земјоделски. Така, во Македонија најбројни се пензионерите што примаат пензија над 20 илјади, тоа се  94.576 лица, што е речиси 29 % од сите пензионирани лица. По нив следуваат 89.137 пензионери со месечен приход до 12 илјади денари и 86.446 пензионери до 16 илјади денари. Најмала група од 59.195 пензионери е онаа што прима пензија од 16 до 20 илјади денари, што е околу 18 % од вкупниот број пензионери во земјава.

Највисоки просечни пензии од приближно 25 илјади земаат воените пензионери, а на лицата што добиваат старосна пензија, просечно месечно на сметките им легнуваат 19.068 денари. Со мартовското усогласување, месечните примања на овие пензионери ќе пораснат за 1.600 денари.

Според анализите на ПИОМ, најниска е просечната земјоделска пензија, која е 8.491 денар, а по неа следуваат просечните семејни пензии, кои изнесуваат околу 14 илјади денари и кај кои мартовското зголемување ќе изнесува околу 1.100 денари.

(В.Ма.)