На патарините најмногу се плаќа во кеш

91

Електронскиот систем за наплата на патарините, кој беше пуштен на 3 јули годинава, ѝ носи скромни приходи на државата. Така уделот на новиот начин на наплата во вкупните приходи од патарина во изминатово лето изнесувал околу 5,6 отсто. Од продажбата на електронските уреди за плаќање на патарина и од надополнувањето на овие уреди во јули и август биле инкасирани околу 528.000 евра. Наспроти ова, вкупните приходи од патарината во овие два месеца изнесувале над 9,5 милиони евра, покажуваат податоците на Јавното претпријатие за државни патишта.

Бројот на корисници на електронскиот систем на наплата продолжил да расте и во август. Заклучно со 31 август, продадени 8.121 М-карт и М-таг уреди за плаќање на патарина. Од нивната продажба е остварен приход во износ од 63.500 евра. Во јули и август се собрани околу 465.000 евра од надополнувања на електронските уреди од возачите. Во наредниот период ќе се пушти во употреба и пост-пејд начинот на електронска наплата што ќе треба да ја зголеми искористеноста на новиот систем.