На онлајн платформата Cinesquare над 200 бесплатни филмови

157

Дистрибутерската куќа „Катавеј“ од Скопје се приклучи во кампањата #СедиДома, овозможувајќи колекција од 200+ бесплатни филмови онлајн преку сопствената домашна онлајн видеотека Cinesquare.

„Во време кога вратите на кината остануваат затворени во догледен период и препораките сите да останат во своите домови во обид да се спротивставиме на ширењето на коронавирусот, до крајот на месецот преку платформата Cinesquare нудиме бесплатни филмови.  Колекцијата вклучува играни долгометражни, документарци и кратки филмови кои се достапни во земјава, како и во Романија, Бугарија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Косово, Албанија, Грција, Кипар и Турција. Само регистрација на cinesquare.net или на Андроид апликацијата достапна на Google Play е доволно да се пристапи кон бесплатните содржини во оваа понуда“, соопштуваат од „Катавеј“ од каде истакнуваат дека не е заборавена ниту најмладата публика за која се достапни филмови со превод, како и синхронизирани филмови меѓу кои и на македонски јазик. „Освен ова, платформата во соработка со Филмскиот фестивал за млади Џифони Македонија го направи бесплатно достапен и детскиот каталог со промотивен код“, додаваат од „Катавеј“.

Инаку, Cinesquare е онлајн видеотека за изнајмување на филмови базирана врз системот на видео на барање (Video on demand) по принципот на HBO GO, Нетфликс, Амазон. Платформата Cinesquare е активна во 13 земји од регионот и е фокусирана претежно на европскиот независен филм.