На месарниците им останаа плескавиците и ќебапите непродадени

Месарниците се жалат дека прометот им е многу опаднат поради намалената куповната моќ на граѓаните, како и поради неработењето на рестораните за свадби и прослави. Велат дека освен свежото месо, слабо им се трошат и смесите за плескавици, ќебапи..., луѓето не се собираат по дома, не прават скари, а и не им доаѓаат многу гости, па се купува по малку. Производителите на месо и на преработки од месо кој минатата година се соочија со намалено производство и потрошувачка бараат помош од државата за да се стимулираат потрошувачите да купуваат поголеми количества

321

Граѓаните се помалку купуваат месо, преработки од месо и сувомесни производи. Месарниците се жалат дека прометот им е многу опаднат поради намалената куповната моќ на граѓаните, како и поради неработењето на рестораните за свадби и прослави. Велат дека освен свежото месо, слабо им се трошат и смесите за плескавици, ќебапи.., луѓето не се собираат по дома, не прават скари, а и не им доаѓаат многу гости па се купува по малку. Со овој проблем се соочуваат уште од минатата година како последица од неработењето на хотелите, кафеаните и рестораните, а поради вишоците имаат големи загуби.

И производителите на месо и на преработки од месо минатата година се соочија со намалено производство за околу 40 отсто во споредба со 2019 година и со намалена потрошувачка за околу 30 отсто. Бараат помош од државата за да се стимулираат потрошувачите да купуваат поголеми количества

-Луѓето не купуваат месо како порано по цела свиња, две полутки или по десетина килограми. Сега не се собираат по дома, не прават скари, а и не им доаѓаат многу гости па се купува по малку. Купуваат само за дома за ручек, за манџа по половина килограм свинско или телешко и по половина килограм мелено за сарма. Сега почнуваат велигденските пости па очекуваме прометот уште повеќе да ни се намали, вели Аце сопственик на една месарница во Скопје.

Освен намалената побарувачката од граѓаните, вели дека врз прометот многу им се одразил падот на нарачките од хотелите, рестораните и кафеаните кој организираат прослави и кој не работат речиси една година.

-Само една кафеана за свадби во просек ни порачуваше по 30 килограми смеса за плескавици, по 40 килограми пилешки стек и 40 килограми свинско…, а имавме повеќе кафеани кои ни беа редовни клиенти и кои ги снабдувавме со месо. Поради намалениот промет сега набавуваме помалку месо, но загубите ни се многу зголемени, вели месарот Аце.

Фармерите кој се соочуваат со вишок свежо свинско месо поради намалена потрошувачка од страна на граѓаните, велат дека овој проблем и досега се јавувал обично пред божикните и велигденските пости, но се решавал, што не е случај годинава. Се надеваат дека наскоро ќе се тргне забраната за извоз во Европската Унија и ќе можат слободно да го пласираат свинското месо на странскиот пазар и да го решат проблемот со вишокот.

Според проценките на Стопанската комора на Македонија, пандемијата за 20 до 40 отсто го намалила производството на месо, а побарувачката за 20 отсто. Оттаму апелираа Владата да најде начин да ја стимулира домашната побарувачка на месо, бидејќи досегашните економски мерки не дале резултати во месната индустрија.
Просечната годишна потрошувачка на свинско месо на едно домаќинство изнесува 29 килограми, освен свинско трошат 16,1 килограм јунешко и 11,8 килограми телешко месо, кои речиси стопроцентно се увезуваат.

(А.С.)