На малите и средни претпријатија им стојата на располагање 50 милиони денари преку програмата за конкурентност

134

Педесет милиони денари им стојат на располагање на малите и средните претпријатија, занаетчиите, преку програмата за конкурентност, иновативност и претприемништво на Министерството за економија за 2019-та година, беше соопштено на денешната промоција на програмата пред кумановската бизнис заедница.

Програмата предвидува сет мерки наменети за поддршка на микро, малите и средните претпријатија, опфатени во четири групи, директна поддршка на малите и средните претпријатија и занаетчиите, мерки за имплементација на индустриската политика, кластерско вмрежување и поддршка на општествено-одговорни практики.

– Најмногу интерес, лани имаше за директно субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија, занаетчии и претпријатија управувани или во сопственост на жени, што предвидува кофинансирање на 60 проценти за докажаните трошоци или најмногу до 300.000 денари за трошоци направени во 2018 и 2019 година за опрема и алати, појаснува раководителката на секторот за претприемништво и конкурентност, Марина Арсовска.

Занаетчиите можат да добијат до 200.000 денари, претпријатијата управувани од жени до 150.000 денари за трошоци направени за опрема и алати, а за женско претприемништво се признаваат трошоци за уредување деловен простор, за е-трговија, воведување софтверски решенија.

Од направените анализи, од североисточниот плански регион, односно исклучиво од Куманово, лани за оваа мерка аплицирале само единаесет компании или осум проценти од регионот влегуваат во оваа програма, а најголем интерес пројавиле фирмите од скопскиот регион, дури 42 отсто. Целта на надлежните е да се стимулираат компаниите од сите региони подеднакво да аплицираат за овие мерки.

Државниот секретар во Министерството за економија, Зоран Павловски, пред бизнис-заедницата истакна дека дел од мерките веќе се објавени, а дел ќе бидат објавени во наредниот период.

– На оваа промоција сакавме да слушнеме и што мисли бизнис заедницата, кои се нивните потреби, дали се добри овие мерки, дали ги исполнуваат целите, рече Павловски.

Младен Протиќ од Центарот за развој на североисточниот регион ги покани бизнисмените да се обратат до нив и да им помогнат при аплицирање на државните фондови.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски рече дека во план е проширување на гасификациската мрежа до индустриската зона во село Доброшане, со што ќе се овозможи евтин енергенс за производствените капацитети. Тој очекува и јакнење на економијата на локално ниво по формирањето на економската зона во Речица и Новине.

Средствата од оваа Програма на министерството се доделуваат по принципот прв дојден, прв услужен. Заинтересираните можат да ги најдат потребните документи, обрасци, на веб страната на Министерството за економија и на конкурентност.мк. Лани биле поддржани 164 претпријатија, од кои 99 аплицирале за директна поддршка на малите и средни претпријатија.