На крајот од 2020 година јавниот долг остана во рамки на Мастришкиот критериум

26

Гледано во апсолутен износ, државниот долг е намален за 57 милиони евра во однос на претходниот квартал, додека јавниот долг е намален за 89 милиони евра во однос на третото тримесечје.

Промената во состојбата се должи на отплатите направени во последниот квартал по основ на доспеаната еврообврзница од 2015 година, како и враќање на краткорочниот кредит кон комерцијалните банки земен на почетокот на минатата година.

Реализацијата на јавниот и на државниот долг во четвртиот квартал е пониска и во однос на проекциите за крајот на годината и тоа кај државниот долг е за 0,2 процентни поени пониска од очекувањата, додека кај јавниот долг за 1 процентен поен помалку.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека на среден рок ќе се реализира постепена буџетска консолидација, која од една страна ќе влијае врз стабилизирање на долгот, додека од друга страна нема да влијае рестриктивно врз економскиот раст. Во таа насока планирано е буџетскиот дефицит, односно негативната разлика помеѓу приходите и расходите во буџетот постепено да се намалува. Така за годинава е проектиран речисидвојно понизок дефицит во однос на минатата година од -4,9% од БДП, следната година проекцијата е  -3,8%, во 2023 -3,2%, во 2024 -2,9% и во 2025 година -2%, односно под Мастришкиот критериум од -3% од БДП. Поради пандемиски предизвиканата економска криза, многу држави-членки на Европската Унија (ЕУ) го надминуваат овој критериум, што е сосема разбирливо, имајќи ја потребата од силна државна интервенција и фискален поттик за економиите.