Искршени врати и прозорци на тоалетите, нефункционални објекти, запуштени гардероби, непријатен мирис од несобраното ѓубре, обрасната трева, а згора на тоа загадено езеро е глетката која ќе ве пречека штом ќе дојдете да го посетите спортско-рекреативниот центар „Треска“. Освен тоа, ја нема ниту чуварската служба.

Жално е што ова рекреативно катче кое скопјани го изградија со самопридонес, со сопствени средства сега не можат да го користат, поради тоа што никој не се грижи за него. Надлежните институции со години не успеаја да го повратат во живот. Неколку пати се менуваше гарнитурата на градските власти, но ниту една од нив не го реши проблемот со загаденото езеро и не го обнови овој спортско-рекреативен комплекс.

Езерото дваесетина години е забрането за капење. Но, за жал тоа не се почитува.  Иако, денот кога го посетивме овој спортско-рекреативен центар  немаше капачи, единствено можеше да се види невеста и младоженец кои правеа фотосесија, околните кампери кои си имаат сопствени приколки, велат дека повремено има капачи кои не се плашат дека ќе заболат.

И камперите кои во летниот период доаѓаат овде, не се задоволни од состојбата со овој спортско-рекреативен центар, бидејќи никој не го одржува.

-Има само еден работник од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кој одржува. Пред сè, она што се одржува го одржуваме ние камперите. Немаме ниту чувари. Иако тоа е во надлежност на Општината Сарај, тие многу не се заморуваат. Треба да се знае дека ова е пред сè на град Скопје и на граѓаните. Ние сме плаќале за неговата изградба. И сега плаќаме годишно по 200 евра за приколките на Општина Сарај, вели Благоја Димовски.

Камперите, од кои дел од Ѓорче Петров, велат дека условите за престојување овде се никакви.

-Немаме струја, тоалетите се во очајна состојба. Принудени сме ние да оспособиме барем еден тоалет за да можеме кога ќе дојдеме да го користиме. Во текот на викендите има поголема гужва овде, па секој се снаоѓа како знае и умее, велат дел од камперите.

Од Град Скопје информираат дека со посебна одлука на Владата во 2013 година, објектот СРЦ „Езеро Треска“ е во целосна надлежност и ингеренција на Општина Сарај.

-Сепак, поради тоа што станува збор за рекреативен објект и е од витално значење за Скопје, Градот е вклучен во активностите за негова ревитализација. Ревитализацијата на езерото Треска е комплексен проект за чија реализација е потребно изготвување на поголем број на проекти, а истите треба да се реализираат во соработка со Општина Сарај. За таа цел, Советот на Град Скопје донесе одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Сарај, за изработка на проект за ревитализација на езерото Треска. Со оваа одлука, Град Скопје ќе учествува во изработката на проектот со финансиски средства обезбедени од буџетот на Град Скопје, во износ од 7.000.000 денари со пресметан ДДВ, од кој од буџетот за 2018 год во износ од 3.000.000 денари, од буџетот за 2019 година – 2.000.000 денари и од буџетот за 2020 година – 2.000.000 ден, изјавија градските власти.

На 27 јули, годинава Владата на седница ја усвои информацијата врз основа на која се овозможува Општина Сарај да ја започне постапката за изградба на спортско рекреативен центар во близина на селото Глумово, кој ќе го опфати и езерото Треска, и кој вклучува изградба на викенд населба, хотелски комплекс и спортско рекреативен центар за развој на еко туризам.

Владата му даде препорака на Град Скопје во рок од 30 дена да обезбеди постоечка документација за изградба на спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ во Општина Сарај. Ваквиот владин потег за заживување на најголемиот центар за спорт и рекреација во Скопје доаѓа точно една година по усвојувањето на одлуката на Град Скопје за изработка на проект за ревитализација на „Езеро Треска“.

-Прв пат во Општина Сарај ќе се донесе Детален урбанистички план, ќе се има предвид во самата постапка заштитата на животната средина. Тоа ќе биде облагородување на просторот околу рекреативното езеро што ќе го направи поатрактивно за граѓаните, велат од Градот.

И по повеќе обиди телефонски не успеавме да добиеме информација од градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Бечети за активностите кои се предвидени на овој потег.

Езерото „Треска“  се протега на површина од 136.000 квадратни метри, длабоко е од 1,6 до 3 метри и има капацитет за 10.000 капачи. Целиот спортско-рекреативен комплекс е изграден во 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје.

Поради загаденоста на водата, езерото е затворено како капачки објект од 1998 година.

(А.П.)