На Европската унија и се заканува „самодемонтажа“

Приемот на Киев во ЕУ ќе доведе до тоа политиката на организацијата да биде одредена од интересите на Украина - нејзината големина, статусот на „жртва“, бескомпромисното непријателство со Русија и потребата за обнова на економијата. Германскиот аналитичар Лук Херден смета давањето кандидатски статус на земја која води борбени операции ја поткопува довербата во ЕУ, затоа што никогаш досега немало таков преседан

409

Влезот на Украина во Европската унија ќе го помести „јадрото на Европа“ од Запад кон Исток, смета аналитичарот на берлинскиот магазин „Дер Фрајтаг“, Лук Херден. Тоа, според Херден, е закана за појава на источноевропски блок кој ќе ја води ЕУ во „самодемонтажа“.

„Се испостави дека проширувањето на ЕУ на исток отсекогаш било патот кон „самодемонтажа“ рече Херден.

Тој ги предупреди Европејците дека приемот на Киев во ЕУ ќе доведе до тоа политиката на организацијата да биде одредена од интересите на Украина – нејзината големина, статусот на „жртва“, бескомпромисното непријателство со Русија и потребата за обнова на економијата.

„Давањето на Киев статус на кандидат за членство во Европската унија не ја обврзува организацијата на ништо и, водејќи се од искуството на Турција, која стана кандидат за влез во ЕУ во 1999 година, може да се тврди дека Украина нема да влезе во ЕУ до 2044 година“, смета авторот на текстот.

Сепак, давањето кандидатски статус на земја која води борбени операции ја поткопува довербата во ЕУ и како што наведува Херден, никогаш немало таков преседан.

Според него, на почетокот на руската специјална операција „јадрото на Европа“ се преселило од Запад кон Исток, а односот кон украинската криза во унијата во голема мера го одредуваат балтичките земји и Полска.

Авторот на текстот во магазинот „Дер Фрајтаг“, потсети на неодамнешната посета на лидерите на Германија, Франција и Италија на Киев, нагласувајќи дека лидерите на споменатите земји биле принудени да ја посетат Украина во друштво на романскиот претседател, за да не се стекне впечаток дека европскиот Запад делува одвоено од Истокот.

Херден, исто така го потенцира фактот дека Европската комисија ги отстрани пречките за Полска кога станува збор за добивање финансиска помош за борба против последиците од пандемијата со корона вирусот. Европската комисија имаше претензии кон Варшава поради реформите во правосудството, но сега тоа не е важно, бидејќи Полска игра водечка улога во конфронтацијата со Русија, оценува авторот на написот.

„Полска делува како „лидер на источноевропскиот огранок на ЕУ“, кој потенцијално би можел да стане вистински блок доколку Украина влезе во сојузот“, констатира новинарот. Како што објасни Херден, таков блок внатре во ЕУ нема да дозволи да се преземе каква било иницијатива без негово одобрение.