На двете првородени бебиња Градот им додели штедни книшки со по 20.000 денари

119

Иако, беше традиција и првиот човек на Градот, да го посети и дарува првороденото бебе, годинава тоа не се случи заради состојбата со панедемијата.

Градскиот татко, Петре Шилегов, денеска им посака на граѓаните се’ најдобро што може да биде посакано, а најмногу од се’ добро здравје и мир во душата.

-А искрено, 2021 година и не можеше и да почне подобро, со две новородени бебиња во Скопје, веднаш по полноќ, истакна Шилегов.

Со искрени желби за здравје, среќа, радост и бериќет, тој информираше дека на двете провородени бебиња, Град Скопје им додели штедни книшки во износ од 20. 000 денари.

-Годинава, заради пандемијата ја откажавме традиционалната посета во ГАК, но тоа не не спречи честитките и поклоните во мое име и во име на Град Скопје да ги пренесе и предаде министерот Филипче. Уште еднаш, ви посакам новата година да ви донесе неизмерна радост и успех на сите. Сакајте се едни со други затоа што само заедно можеме да успеваме. Среќна Ви Нова 2021 година!-нагласи Шилегов.

Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово го посети првото родено бебе во 2021 година. Мајката, 35 годишната Бојана, роди здраво машко дете тешко 3.650 грама и долго 51 сантиметар.

Само неколку секунди подоцна, на свет дојде уште едно машко бебе. 33 годишната Габриела Ѓошевска го роди своето прво бебе тешко 3.350 грама, 51 сантиметар долго. Во 2 часот по полноќ се роди и женско бебе.

На новородените бебиња, Филипче им посакува здравје, среќа, многу љубов и безгрижно детство.