На газдите кои зeдоа cyбвeнции а не дaдoа плaти, им се зaкaнyвa зaтвop

До Јавното обвинителство стигна список на кој од  првично објавените 708, се само 344 фирми, што значи дека од кривичен прогон се спасиле 243. Сè уште не е објавен списокот на компании кои поделиле плати, но помали од она што добиле како субвенција. Најстрогата казна за неисплата на парите е затвор од една до 10 години, а трудовите инспектори пишуваат и прекршочни казни од 3.000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице во него

418

 

За судбината на фирмите кои земале субвенции од Владата за да им исплатат плати на вработените за април и мај, а си ги задржале за себе, ќе решаваат обвинителите. Со нив, како и со оние кои им го дале минималецот на вработените, но не целиот и дел задржале за себе, чиј список се уште не е објавен, јавноста очекува да се позанимава и Државниот трудов инспекторат, но оттаму велат дека не добиле ништо од Управата за јавни приходи.

Списокот на „итрите“ газди кои ги оставиле работниците без денар два месеца иако добиле пари за да им исплатат плати, Генералниот секретаријат на Владата го испрати во Обвинителството. Но, на него се речиси половина од оние кои беа првично објавени.

Рокот до кој газдите можеа да си ја поправат грешката, односно да им ги исплатат парите на вработените и со тоа да излезат од „црниот“ список истече во петокот, па така, сега до обвинителите наместо 708, стигнаа имиња на 344 фирми, што значи дека од кривичен прогон се спасиле 243.

За ваква злоупотреба на државни пари освен парично, се одговара и со казна затвор и тоа од една до 10 години. Паричните казни пак, се 3.000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице во него. Обвинителството треба да реши дали има основа за покренување постапка и ако има, каква треба да биде санкцијата. Во изминатиот период откако Управата за јавни приходи ги обелодени овие малверзации со лавина реакции граѓани, експерти, синдикалци, невладини организации, ја побараа најстрогата казна за газдите кои парите што ги добиле за да им ги дадат на работниците си ги ставиле в џеб.

Инаку, на првиот список што под притисок на јавноста го објави УЈП имаше вкупно 708 фирми кои затаиле околу 385.000 евра, пари што ги добиле од државата за да им дадат минимална плата за два месеца на над 1.700 вработени. Од нив 147 не дале плата за април на 360 вработени од вкупно без малку пет милиони денари, а за мај 197 фирми на 441 вработен не им поделиле вкупно нешто над шест милиони денари. До петокот, со големо задоцнување, но со дозвола од Владата, 243 фирми исплатија 140.000 евра за два месеца на 621 вработен.

УЈП уште објави дека околу 3.750 компании на 53.000 работници им го скратиле минималецот што го добиле од државата и им исплатиле 1,5 милиони евра помалку отколку што требало. Со нив се очекува да се позанимава Државниот инспекторат за труд. Оттаму за весникот ВЕЧЕР вчера изјавија дека не добиле список од УЈП, но дека редовно постапуваат по пријави на работници и вршат контроли. Додаваат дека имаат доста пријави, а можно е дел од нив да се од работници кои требале да добијат плата преку државна субвенција.

-Постапуваме и во редовни контроли и по претставки. Прво му се издава решение на работодавецот да исплати плата, а ако не постапи по решението следува прекршочна пријава. Казната е 3.000 евра за правното лице и 30 проценти од таа сума за одговорното лице во компанијата, вели државниот советник во Инспекторатот, Злате Стојановски.

Тој додава дека нив не ги интересира од каде се парите за плати на работниците туку дали тие ги добиле. Исто така, како што појаснува, во најголем дел компаниите постапуваат по доставените решенија од инспекторите, односно исплатуваат плати и со тоа ги избегнуваат паричните казни.

(С.В.)