Мега скандал ја тресе атлетиката, бидејќи на Велика Британија ќе ѝ биде одземен сребрениот медал освоен во штафетата 4х100 метри на Олимписките игри во Токио. Причина за таквата одлука е тоа што еден од британските спринтери, Си-еј Уџа, бил позитивен на забранетата супстанција „остарин“ и С-23, што воедно било потврдено и од неговиот Б-примерок.

Дваесет и седумгодишниот Уџа трчаше заедно со Жарнел Хјуз, Ричард Килти и Нетаниел Мичел-Блејк, на кои исто така ќе им бидат одземени сребрените медали за прекршокот на нивниот колега.

Во Токио, Италија го освои златото во штафетата, а сега Канада ќе добие сребро, а Кина ќе скокне од четвртото на третото место и ќе прокнижи уште еден медал.

Минатиот месец, по првичниот позитивен тест, Уџа истакна дека е „целосно шокиран и поразен“ од резултатот и дека „никогаш не изневерувал и никогаш свесно нема да земе недозволени супстанции“.

Остаринот пронајден во неговата крв е анаболен стероид и има слични ефекти како тестостеронот.