НА АКИ, НАМЕСТО ЗБОГУМ!

Да не станеше пејач, ќе беше одличен фудбалер, малку и тренираше со младите, кај Дончевски, во Вардар. Да не станеше пејач, ќе беше одличен клавијатурист. Го одбра патот на рок музиката, и не згреши. Аки, ти заминуваш на последното патување. Нам ни остануваат драгите спомени на тебе како човек, ни остануваат песните кои ќе бидат вечна спојка меѓу нас кои останавме овде, и тебе кој замина меѓу ангелите. Нека ти е вечна слава, Брци.

632

Ги пишувам овие редови, кога сеуште сето ова ми изгледа како еден лош сон, од кој кога ќе се разбудам, повторно ќе го побарам на телефонскиот број и ќе го чујам она неговото, како си Бучка.

Да, јас бев Бучка, а тој Брци, едноставно, затоа што нему од целата наша генерации во пубертетот, најпрво му израснаа мустаќите. Во име на нашата музичка „банда“, за мене, Аљоша, Никола „Штипот“, Венко, Тоше, Црногорецот, Раме, Боре, Влатко, Силва, Биба, Жане, Лиле, Мери… ќе напишам неколку збора за нашиот „Брци“. Не, за  збогум, туку во сеќавање на растењето и другарувањето на некои „клинци и клинцези“ родени педесет и некоја.  Не за легендарниот пејач Аки Рахимовски, и неговата музичка кариера со „Парни Ваљак“, туку за  Аки, со кого сите ние, неговите другарки и другари го поминувавме заедно слободното време, ги спојувавме  денот и ноќта, за времето кога го освојувавме полнолетството. За времето пред да замине во Загреб и да стане легенда.

Живеевме блиску, тој во куќа во „Железничка колонија“, јас, во полициската зграда на „29 Ноември“, во исто маало зад Универзалната сала, во близина на библиотеката „Браќа Миладиновци“. Кај него, секоја недела на неговото радио го слушавме радио „Слободна Европа“, која емитуваше рок музика, а другите денови на мојот грамофон „Супрафон“ го вртевме до бесвест Џими Хендрикс. Беше тоа времето на хипи генерацијата, на „Вудсток“, на  панталоните ѕвонарки, долгите коси, седењето пред „Ванила“, безгрижни денови на играње фудбал на „мали голчиња“, каде бевме без конкуренција најдобра екипа, на бегање од часови и кино утро претстави во „Карпош“ или „Вардар“, на заедничките журки и прослави на Нови години, со билнаци вино, кај Силва, Аљоша, Биба, за летувањата во Охрид и Дојран во шатори кога најслатко јадење ни беа паштетите, на времето на нашите првите љубовни маки, на синокоста Мери, ми се чини, нека ми простат другите, единствената вистинска љубов во неговиот живот.

Да не станеше пејач, ќе беше одличен фудбалер, малку и тренираше со младите, кај Дончевски, во Вардар. Да не станеше пејач, ќе беше одличен клавијатурист. Татко му го запиша во основно музичко, да ги уче класиците, но каде оделе еден Моцарт и еден Хендрикс заедно.

Го одбра патот на рок музиката, и не згреши.Тој пат го започна свирејќи органа во ноќниот бар во „Гранд Хотел“, па преку групите „Крвни браќа“ и „Вакуум“ да стане член на една од најдобрите рок групи во Македонија во тоа време, групата „Тор“. Една година постар од него, тој пат го минувавме заедно. Му бев нешто како „советодавен орган“. Остануваат сеќавањата на „скришното“ свирење клавир заедно со Лабиш во Педагошката академија, на игранките и концертите со групата „Тор“ во Домот во Сингелиќ и ширум Македонија, на пробите во гаражата кај басистот Ацо Црногорецот, на Ани, Раме, Гаро, на „Бум“ Фестивалот во Загреб 1975, на текстот на песната„Жолта машина“ што го напишав опевајќи го легендарното жолто фолксваген комбе на групата „ТОР“.

По враќањето од Загреб, Брци беше контактиран од менаџерот на групата „220“, Владимир Михаљек. Доби понуда да замине за Загреб. На враќање од Сингелиќ, во автобусот бр 45, кратко ме праша дали да го прифати предизвикот. Му реков дека таква понуда не се одбива. По кратко време Брци замина за Хрватска, и сето останато е веќе позната историја.

Знам дека се двоумеше, му беше тешко, зошто мораше да замине од се она што дотогаш беше негово секојдневие, да ги напушти мајка му, сестра му Џули, роднините, нас другарите, и да замине во непознато. Мислам, како негов „советодавец“, дека до крајот на животот, во еден скриен ќош од неговото срце, кое за жал не издржа, клечеше стуткана тагата која вешто ја криеше. Тагата за времето кога го освојувавме полнолетството и мислевме дека младоста ќе трае вечно.

Аки, ти заминуваш на последното патување. Нам ни остануваат драгите спомени на тебе како човек, ни остануваат песните кои ќе бидат вечна спојка меѓу нас кои останавме овде, и тебе кој замина меѓу ангелите.

Нека ти е вечна слава, Брци.

Љупчо Алексовски