„Станува збор за грандиозен проект од над 90 уметници на сцената на Античкиот театар, балетските првенци, солисти, ансамблот и оркестарот на НОБ, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска. Тоа е спектакл со дела на рускиот виртуоз Петар Илич Чајковски од балетската трилогија ‘Лебедово езеро’, ‘Оревокршачка’ и ‘Заспаната убавица’ и извадоци од балетот ‘Ана Каренина’ и операта ‘Евгениј Онегин’“, истакна Наташа Поповиќ, директорката на „Охридско Лето“ за годинешното свечено отворање на фестивалот

Концерти со познати меѓународни имиња, но со приоритет на македонски уметници кои имаат светска слава, настапи на македонските-национални оркестри и театарски куќи, како и одржување во традиционалниот термин од 12 јули до 20 август, најавија организаторите на најголемата музичко-сценска манифестација во земјава „Охридско лето“ што годинава ќе го реализира своето 61. издание. Во рамки на уметничката програма на фестивалот, годинава е најавено да настапат околу 500 уметници од 18 земји, како Србија, Холандија, Словенија, Русија, Бугарија Косово, Германија, Хрватска, Турција, Франција, Италија, Чешка, Романија, Грција, Црна Гора, Белгија и САД, како и од Македонија.

„Свеченото отворање, годинава е во знакот на Големиот Чајковски, во изведба на Националната опера и балет. Спектакл со најубавите дела на рускиот виртуоз Петар Илич Чајковски од балетската трилогија ‘Лебедово езеро’, ‘Оревокршачка’ и ‘Заспаната убавица’, и извадоци од балетот ‘Ана Каренина’ и операта ‘Евгениј Онегин’. Станува збор за грандиозен проект од над 90 уметници на сцената на Античкиот театар, балетските првенци, солисти, ансамблот и оркестарот на НОБ, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска“, истакна Наташа Поповиќ, директорката на „Охридско лето“ на денешната прес-конференција, одржана во „Долни сарај“, во Охрид.

Како што посочи таа, во пресрет на уште едно издание на „Охридско лето“, во здравствена криза, успевале да ја продолжат успешната приказна на Фестивалот со реализација на врвни концерти и драмски претстави. „Минатата година како тим покажавме дека можеме да се справиме со сите предизвици и да се заштитиме од сите опасности што ги носи пандемијата. Тоа направи годинава да сме уште повеќе подготвени и поискусни за реализацијата на претстојните 40 фестивалски вечери. Врвните домашни изведувачи ќе настапат со светски познати имиња во прекрасната ‘Света Софија’. Нивниот спој уште еднаш ќе го потврди Фестивалот ‘Охридско лето’, како еден од најголемите промотори и афирматори на врвната уметност“, додаде таа.

Најави и дека во време кога сите се справуваат со пандемијата и кога здравствените работници се херои, концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ од Македонија и Ансамблот на народни хрватски игри и песни „Ладо“, од Хрватска, кој е на програмата на 28 јули во Античкиот театар, ќе биде од хуманитарен карактер. „Средствата од влезниците ќе бидат донирани во здравството. Со тоа ќе покажеме дека сите сме заедно, сплотени, во борбата со коронавирусот, но и ќе оддадеме благодарност за сè она што го прават медицинските лица“, истакна Поповиќ, додавајќи дека голема одговорност е да се зборува за врвна програма во време на ковид-пандемија кога секој настан се реализира по строго утврдени заштитни мерки по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.

Музичка програма со 34 концерти

Љубителите на музичката уметност, годинава на „Охридско лето“ ќе имаат можност да уживаат во 34 концерти, кои ќе се реализираат во Античкиот театар, во црквата „Св. Софија“ и „Долни Сарај“.

„Ќе настапат врвни уметници од многу европски земји, од Русија, уметници од соседните земји како и од македонската класична сцена. Програмата има прекрасна динамика, од самиот почеток до крај претставува една голема музичка приказна, која има за цел да ја прослави уметноста преку различни музички композиции. Ќе чуеме дела од најраниот барок, преку класиката, романтизмот, импресионизмот, до современите светски автори како и дела од македонското класично творештво“, посочи Даница Стојанова, селектор на музичката програма на „Охридско лето“.

Таа, како дел од музичката програма, ги најави Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Ирина Графенауер, Мате Бекавац, Кирил Родин, Жени Захариева, Маја Богданович, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, Дарко Костовски, Васко Дантас, барокниот ансамбл Театро ала мода, Горѓи Цинциевски, Саимир Пиргу и Мерита Таршана, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб, потоа Александар Иванов, Калина Мрмевска, Надја Неволовиќ, женскиот хор под раководство на диригентот Ивица Зориќ – „Менада“, мешаниот хор на филхармонијата од Приштина, Елоизе Карлин, камерниот ансамбл на Македонска филхармонија, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану, Петру Иуга и Михаил Хориа, Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ, дуото гитари Горан Кривокапиќ и Даниел Церовиќ, Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ, Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ, камерниот оркестар Саша Николовски Ѓумар на МММ со Богдана Бушевска и Борјан Цанев. За роденденот на фестивалот, пак, ќе настапи групата „Синтезис“.

„Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време“, додаде Стојанова нагласувајќи дека „Охридско лето“ како фестивал е со голем интегритет и единствен од Македонија, кој нуди врвен квалитет и како таков е многу познат во целиот свет.

Драмската програма составена главно од домашна продукција

Драмската програма годинава ќе биде во знакот на националните театри, но настап ќе имаат и две театарски куќи од соседството. Публиката ќе може да проследи шест театарски претстави на неколку различни сцени (Антички театар, Предворје на „Света Софија“, „Долни Сарај“, дворот на училиштето „Свети Климент“, Центарот за култура „Григор Прличев“).

Драмската програмата ќе започне со домаќинот – Охридскиот театар, кој со својата претстава „Крик за љубов“ од Жозиен Баласко, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, ќе се претстави пред публиката во нивната матична куќа. Битолскиот театар, пак, ќе настапи со претставата „History of Mother Fuckers“ (според Кориолан на Вилијам Шекспир) во режија на Андраш Урбан, која ќе се игра на сцената на Долни Сарај. Српскиот народен театар од Нови Сад, оваа година пред македонската публика ќе се претстави со една убава животна драма, за рок-ѕвездата Џенис Џоплин, приказна напишана од Тијана Грумиќ, во режија на Соња Петровиќ. Театарот комедија ќе гостува со „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер, во режија на Ирена Стеријовска во дворот на основното училиште „Св. Климент Охридски“, а Македонскиот народен театар ќе ја претстави комуникациската современа музичка драма „Само глас“ од Нина Плавањац во режија на Марјан Неќак.

Драмската приказна на 61. издание на „Охридско лето“ ќе се заврши со настап на Југословенскиот драмски театар и претставата „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин.

„Оваа година програмата е составена од она што домашната продукција успеа да го создаде во овие специфични услови во кои мораа да работат тетрите како и од двете најголеми театарски куќи од Србија, Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско драмско позориште од Белград. Сосема сум свесен за ситуацијата во која се наоѓаме и за разликата помеѓу желбите и она што е реалност. Сметам дека треба да го славиме секој изговорен збор од сцените, секој гест, секој аплауз. Мислам дека ако нешто можеме да научиме од оваа ситуација е тоа колку многу е важно она кое го работиме и колку силно мораме да го чуваме она што го нарекуваме театар“, рече во видеообраќање македонскиот режисер Александар Поповски, кој е драмски селектор на Фестивалот „Охридско лето“. Тој посочи и дека имал можност да присуствува на неколку први отворања на театри и на први средби на публиката со претставите и уметниците и затоа со големо нетрпение го очекува отворањето на овогодишното „Охридско лето“. (Н.И.Т.)