Во време кога бројот на случаи од коронавирус во Италија и други делови на светот повторно расте, 77. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција – познатата Мостра стартуваше под строги безбедносни протоколи кои вклучуваат носење заштитни маски за време на гледањето на филмовите. На првиот фестивалски ден беа прикажани романтичната италијанска драма „Вратоврски“ и грчката драма „Јаболка“. Само неколку познати личности од А листата пристигнаа на отворањето на Венецискиот филмски фестивал и носеа заштитни маски, додека пошироката јавност не можеше да присуствува на црвениот килим

Пo повеќе од шест месеци борба на филмската индустрија, која беше запрена од коронавирусот, вчеравечер се случи првото големо враќање на филмот, и токму во Италија, на отворањето на 77. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција – познатата Мостра. Најстариот филмски фестивал во светот стартуваше со голем број епидемиолошки протоколи поради пандемијата предизивикана од коронавирусот. На првиот фестивалски ден беа прикажани романтичната италијанска драма „Вратоврски“ и грчката драма „Јаболка“.

Бидејќи бројот на случаи од коронавирус во Италија и другите делови на светот повторно расте, строгите безбедносни протоколи вклучуваа носење заштитни маски за време на гледањето на филмовите. Но заради пандемијата, проекциите беа слабо посетени, со многу празни места во салата. И тоа не е само заради мерките за физичка дистанца, туку посетеноста годинава е многу помала. На посетителите на фестивалот, пред влезот им се мери температура, потоа тие минуваат низ термички скенери, речиси сите носат маски, но имало и предупредувања за неодговорните во салата, кои немале маски на лицето. Салата за проекции била постудена од вообичаеното, веројатно поради зголемениот проток на воздух, што предизвикало на гледачите со послаб вид нонстоп да им се замаглуваат очилата.

Филмскиот фестивал во Венеција постигна голем подвиг организирајќи се и, како што стојат работите, Мостра ќе биде единствениот фестивал од ваков вид во 2020 година. Таа отсекогаш ги привлекувала најголеми имиња на Холивуд, но годинава ги има многу помалку. Само неколку познати личности од А листата пристигнаа на отворањето на Венецискиот филмски фестивал и носеа заштитни маски, додека пошироката јавност не можеше да присуствува. Познатиот црвен килим на кој претходните години шетаа филмските ѕвезди беше прилагоден на новонастанатата ситуација. Бидејќи нема обожаватели да стојат покрај него и да чекаат да ги видат своите омилени актери, одлучено било доаѓањето на ѕвездите на црвениот килим да се пренесува во живо.

Тилда Свинтон

Пристигна британската актерка Тилда Свинтон, која ќе го добие „Златниот лав“ за животно дело, Австралијката Кејт Бланшет која е претседателка на жирито, американскиот актер Мет Дилон, исто така член на жирито, и италијанската актерка Ана Фолета, која го отвори фестивалот во Палатата во Лидо, а ќе биде и домаќин на церемонијата на затворање на 12 септември, кога ќе бидат доделени наградите. Во Венеција пристигна и американската манекенка и актерка Тејлор Хил, една од ангелите на „Викторија Сикрет“.

На отворањето на првиот ваков меѓународен настан од појавата на коронавирусот присуствуваа и директорите на најголемите филмски фестивали во Европа, на Кан, Берлин, Ротердам, Сан Себастијан, Локарно, Карлови Вари и Лондон, во знак на солидарност со индустријата погодена од пандемијата со Ковид -19.

„По вознемирувачката и тегобна пролет за целиот свет, но и неизвесното лето, годинашната Венеција е знак на голема доверба и резултат на многу одрекувања. Сè ќе биде помалку од претходните години, особено гламурот на кој сме навикнати. Но, фестивалот го сочува своето срце и годинава носи оптимизам и надеж дека светот ќе ја победи пандемијата и ќе стане подобар и похуман“, рече директорот на Мостра, Алберто Барбера. Тој додаде дека организаторите работеле напорно за да се осигури безбедноста на сите присутни. „Ние чувствуваме одговорност за тоа што сме први. Знаеме дека Фестивалот во Венеција ќе биде еден вид тест за сите останати“, посочи Барбера истакнувајќи дека ако фестивалот функционира како што се надева, од искуството ќе можат да научат и сите други.

Претседателката на жирито Кејт Бланшет, пак, рече дека сака да им даде  поддршка на режисерите, филмските автори кои мораа да ги завршат своите филмови во предизвикувачки околности. „Одлично е што толку многу директори на фестивали од целиот свет дојдоа да ја поддржат Венеција и сфатија дека  всушност поддржуваат различни аспекти на филмската индустрија. Мислам дека тоа е многу колегијално, на начин на кој можеби претходно не беше“, рече Бланшет.

Барбера и Бланшет укажаа и на зголемувањето на бројот на платформи за стриминг за време на рестриктивните мерки за коронавирусот и негативните последици што ова може да го има врз киносалите.

Инаку, на фестивалот ќе бидат прикажани 60 играни и 15 кратки филмови. Во трка за главната награда „Златен лав“ годинава ќе се натпреваруваат 18 филма, од кои четири се италијански – „Le sorelle Macaluso“ од Ема Данте, „Padre nostro“ од Клаудио Ноче, „Miss Marx“ од Сузана Никијарели и „Notturno“ од Џанфранко Орси. Покрај Кејт Бланшет и Мет Дилон во жирито годинава се и Французинката Лудивин Сање и режисерите – Германецот Кристијан Пецолд и Романецот Кристи Пују.