Божиќ е најсреќниот и најсветлиот период од годината. Но големиот христијански празник на некои места на земјината топка се слави поинаку. Во некои земји, следењето на вековните обичаи, речиси се граничи со бизарност – од криење метли до уживање во пржени гасеници…

ВНИМАВАЈТЕ НА ОГРОМНИТЕ МАЧКИ

Една од најнеобичните, а можеби и најчудните приказни поврзани со Божиќ е дефинитивно онаа во Исланд. Имено, тие велат дека за Божиќ огромна мачка талка низ снежниот пејзаж. Мачката демне претежно непослушни деца, но наводно никој не е безбеден без разлика на возраста. За да ја избегнете мачката, мора да набавите ново парче облека пред Божиќ. Доволно е дури и еден нов чорап и огромната мачка доколку случајно ја сретнете на пат, ќе ве одмине.

НОРВЕШКА ГИ КРИЕ МЕТЛИТЕ

Божиќ во Норвешка малку потсетува на Ноќта на вештерките – се играат многу игри, има костуми и забави и преполна трпеза. На Бадник, сите метли и четки се традиционално скриени – не од хигиенски причини, туку вештерките да не ги крадат ноќе. Следниот ден одат во црква, по што сите деца одат од куќа до куќа да ги поздрават сопствениците и да им пеат божиќни песни. Скоро исто како нашите мали коледари!

МРТВА И СКАПАНА ПТИЦА НА ТРПЕЗА

Следната и прилично одвратна божиќна традиција ни доаѓа од Гренланд. Жителите на оваа земја завиткуваат мала птица во кожа на фока. Снопот го закопуваат во снегот неколку месеци пред Божиќ. Кога конечно ќе дојде Божиќ, тие ја откопуваат завитканата птица и ја одвиткуваат. Откако ќе ја одвиткаат, со тупаница и ја стискаат скапаната утроба на птицата и потоа ја јадат.

Да, тоа е апсолутно одвратно и не е за луѓе со слаб стомак. Птицата, се разбира, мириса многу непријатно, а и нејзиниот вкус не е ништо подобар. И сега веројатно сте многу среќни што ги јадете истите десерти секој Божиќ?

УКРАСИ ОД ПАЈАЖИНА

Во сите христијански земји, индустријата одговорна за новогодишни украси и играчки напредува – но не во Украина! Интересна традиција за украсување елка таму е да се завитка (буквално) со пајажина. Оваа празнична традиција датира од старата приказна за божиќните чуда. Некогаш имало семејство кое било толку сиромашно што немало украси на нивната новогодишна елка, уморни и тажни сите си легнале во кревет. На Божиќ наутро, кога тие се разбудиле виделе дека целото дрво е преполно со пенлива, бела пајажина што го покривала како мек снег. Така, божиќниот дух во семејството бил обновен и во нивна чест и до денес Украинците ги украсуваат своите дрвја на овој начин. Тие веруваат дека тоа ќе им донесе среќа.

РИБА ПЛИВА ВО КУЈНСКИОТ МИЈАЛНИК

Во Словачка, пак, рибата е мошне почитувана – особено крапот. Неколку дена пред Божиќ, најстариот во семејството купува жив крап, кој мора да се остави два или три дена да плива во кујнскиот мијалник или када. Оваа интересна традиција според Словаците покажува почит кон рибите и природата. Покрај тоа, овој обичај има практични димензии – некогаш, кога немало фрижидери, ова бил единствениот начин за чување на рибите пред да се зготват.

ЕЛ КАГАНЕР – ЧОВЕЧЕТО ШТО ВРШИ НУЖДА

Каганер е фигура што можете да ја најдете во приказот на божиќните јасли покрај Марија, Јосиф и Исус во Шпанија и Италија. Тој е простодушен земјоделец кој  врши голема нужда. Да, добро прочитавте. Грубо преведено, неговото име значи „оној што кака“ или нешто слично на тоа.

Веројатно се прашувате зошто некој би ставил вакво нешто во јаслите. Затоа што неговото „ѓубрење“ е симбол на добра жетва за следната година. Каганер носи среќа. Исто така, вообичаено е неговата фигура да се постави малку подалеку од другите во некој агол. Веројатно веќе сте разбрале. Му треба малку приватност за работата што ја работи. Оваа фигура е присутна во Шпанија веќе неколку века.

ПРЖЕНИ ГАСЕНИЦИ

Кога мислите на празнична храна, веројатно ви текнува мирисот на колачите, циметот, печената мисирка… Во Јужна Африка Божиќ асоцира на  пржени гасеници. Да, добро прочитавте. Гасеници. Оброкот се чека со нетрпение бидејќи оние што ќе ја проголтаат гасеницата може да очекуваат малку повеќе среќа во новата година. И малку среќа секогаш доаѓа добро, нели?

 

БОЖИЌЕН ФЕМИНИЗАМ ВО ИТАЛИЈА

Заборавете на машката доминација на празниците пред Дедо Мраз – Италијанците ја имаат својата дама Ла Бефана („Вештерката“). Често портретирана како стара жена, Ла Бефана е фолклорна хероина која јава метла и им подарува подароци на децата во Италија. Се верува дека таа ги обиколува сите домови на 5 декември и им дава на добрите деца слатки, бонбони и подароци, а на непослушните – јаглен. Сепак, пред тоа, сите семејства мора да остават вино и салама за Ла Бефана, за да биде љубезна со нив.

 

ФРЛАЊЕ НА ЧЕВЛИ

И кога сме кај жените, за крај еден куриозитет од Чешка. Дали сте самохрана мајка? Или само жена на која и е смачено да биде сама? Сакате добро момче покрај вас со кое ќе ги поминете празниците? Не чекајте повеќе, следете го примерот на жените од Чешка кои нашле начин да стигнат до мажот од своите соништа. Тоа е многу едноставно.

На Божиќ, треба да ја напуштите вашата куќа или стан и да понесете една од вашите чевли. Застанете со грбот свртен кон вратата, а потоа фрлете го чевелот преку рамо. Ако чевелот заврши на подот со предниот крај свртен кон вратата, тоа се смета за знак дека наскоро ќе се венчате. Ако чевелот не стои така, ќе треба да почекате до следниот Божиќ.