Најмоќната жена во фудбалскиот свет во „војна“ со Мино Раиола

237

Марина Грановскаја од 2013 година е спортски директор на актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Челзи, но важи и за десна рака на сопственикот на лондонските „сини“, Роман Абрамович. Францускиот спортски весник „Л’Екип“ објави текст за Грановскаја и во истиот пишува дека сака да работи далеку од камерите. Блискиот извор до таборот на Челзи кој соработува со весникот откри дека Марина е интелектуалка која сака да води „војна“ со спортските агенти. Според истиот извор, директорката на англискиот премиерлигаш не е во добри односи со најпознатиот фудбалски агент на денешницата, Мино Раиола.

Грановскаја има интересен начин на работа, најчесто ја користи апликацијата WhatsApp. Кога беше ангажирана од Абрамович, фудбалските агенти беа убедени дека Марина ќе биде лесна за манипулирање. Сепак, тоа не се случи, а еден од најбогатите луѓе од Русија максимално и верува.

  • Кога подобро ќе ја запознаете, откривате една мила, весела и културна личност, изјави претседателот на актуелниот шампион на Франција, тимот на Лил, Оливиер Летанг за Грановскаја која има и руско и канадско државјанство.

Л’Екип открива дека Грановскаја во 1997 година била асистентка на Абрамович во нафтената компанија „Сибнефт“. Шест години подоцна Роман ја повика во Лондон откако го купи Челзи, а во 2013 година беше именувана за спортки директор.

Марина го има главниот збор кога се во прашање трансферите, преговорите и платата на фудбалерите. Јавно беше пофалена поради реализираниот трансфер на бразилскиот интернационалец Тијаго Силва кој пристигна на „Стемфорд Бриџ“ без никакво обештетување. Беше во центарот на фудбалското внимание за време на продажбата на Еден Азар во Реал (М). Грановскаја беше подготвена да го задржи белгискиот интернационалец до крајот на неговиот договор, отколку да го продаде под цена. На крајот Челзи заработи околу 100 мил. евра.

Грановскаја е опишана како „добар и паметен лидер“ односно како „достапна и личност која не прифаќа компромис“ кога е во прашање работата. The Times ја опиша Грановскаја како највлијателна жена во фудбалскиот свет, додека Forbes во 2018 година ја стави на прво место кога се во прашање најмоќните жени во меѓународниот спорт. Пред неколку месеци ја доби и наградата за најдобар клупски директор во европскиот фудбал.